Преку цртањето ја открија Русија

Браќата Михаил и Давид Здравески имаат исто хоби

Михаил Здравески, ученик од Прилеп, има седум, а неговиот брат Давид 15 години. И за двајцата е заедничко што сакаат да цртаат и да учествуваат на ликовни конкурси. Неодамна испратија свои творби на натпреварот „Русија во детските очи“, кој го организира Амбасадата на Руската Федерација. Михаил доби диплома, а Давид се закити со награда за инвентивни цртежи.

По овој успех, велат дека ќе продолжат да цртаат и да учествуваат на конкурси.
Седумгодишниот Михаил сега ќе биде трето одделение во ОУ „Гоце Делчев“ во Прилеп.
– Сакам да цртам танчари, а имам желба да бидам дизајнер. На часовите ме насочува наставничката по ликовно, а дома имам поддршка од родителите. Освен цртањето, многу ја сакам и математика – ни рече Михаил.
Петнаесетгодишниот Давид сега ќе биде втора година во прилепската гимназија. Ни откри дека Русија му била омилена земја и затоа решил заедно со брат му да учествува на конкурсот.

– Мојот награден цртеж беше на тема спојот на Македонија и Русија со познатите цркви. Многу би сакал да ја видам Москва и во живо и се надевам дека таа моја голема желба ќе ми се оствари – вели Давид.
Иако ужива кога црта, а талентот, како и брат му, го наследил од татко си, својата иднина Давид ја гледа во некоја од природните науки, најверојатно математиката.