На 46. државна изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“

На 46-та државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, Марија Попова, под менторство на наставничката по ликовно воспитување Ива Јосифова Даневски, од подрачното ОУ „Страшо Пинџур“ во с. Дреново, ја освои првата награда. Оваа талентирана осмоодделенка рамноправно се најде меѓу најталентираните наградени ученици од цела Македонија. Нејзиниот цртеж е изработен на стара водоводна цевка, со мотив на млада девојка во народна носија, препознатлива за тиквешкото поднебје, а во заднината е насликано поле со афион, што е дел од традицијата на нејзиното село и пошироко на Тиквешијата.
Марија е пресреќна од постигнатиот успех и има желба да продолжи да слика мотиви инспирирани од народното творештво за изложбата во Битола, која ќе се одржи наскоро.
Инаку, на ликовниот натпревар пристигнаа дури 5.006 цртежи, од вкупно 506 основни училишта од цела Македонија. Организаторите на изложбата, која е најстара од ваков вид во државава, преку својот творечки континуитет, покажаа дека зададената тема поседува универзални и уникатни вредности, кои со текот на времето добиваат свежина и потенцијал.
Целта на организаторите е да се поттикнат учениците од земјава да истражуваат во македонското фолклорно и културно наследство – народните носии, везовите, ткаените изработки, предметите од бакар, сребро и злато, во делата на копаничарите… – не само за да се инспирираат туку и подобро да го запознаат ова национално богатство. Ми. М.