Наместо одржување првоаприлски маскенбали во живо, домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци, во соработка со основните училишта од овој град, организираше ликовен конкурс на темата „Априлијада“. Се разбира дека возбудата додека се избира и подготвува маската и нејзиното претставување пред многубројната публика на градскиот плоштад не може да се спореди со ликовен конкурс, но пандемијата на коронавирусот го одложи одржувањето на голем број пролетни детски манифестации, кои ќе почекаат подобри времиња.
– Овој ликовен конкурс овозможи барем накратко да се ужива во процесот на изработка на цртежите со децата. Како и досега бевме сведоци на ангажираност и инвентивност на учениците во изработката на цртежите и маските, а особено на карикатурите – вели ликовниот уметник и член на жирито Горан Боев.
Добрата соработка со ликовните педагози и големиот одзив на учениците го нагласи директорката на Домот на културата, Јулијана Туриманџова.

На конкурсот пристигнаа цртежи, карикатури и скици за карневалски маски од сите пет основни училишта во Кавадарци. Темите беа многу разновидни и актуелни: вакцинирањето против ковид-19 и победата на македонската фудбалска репрезентација во натпреварот со Германија.
На конкурсот прва награда освоија учениците Лазар Грозданов од ОУ „Димката Ангелов Габерот“ од Кавадарци и Димитар Димов од ОУ „Димката Ангелов Габерот“ од Ваташа, второнаградени се Емилија Темелкова од ОУ „Страшо Пинџур“ и Мирко Гаиќ од ОУ „Тошо Велков Пепето“ и трета награда Теодора Ѓориќ од „Димката Ангелов Габерот“ од Кавадарци и учениците од 2-Б одделение од ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ од овој град. Ми.М.