Патувајќи со брод од Брач до Сплит, неодамна се сретнав со фудбалската екипа на ФК Трогир што на Постира на островот Брач играше фудбал со своите врсници и ги победи со 5:0.

Резултат достоен за почит и за пофалба, а бидејќи се врсници со нашите читатели на ,,Колибри“, одлучивме да ги претставиме и да го пренесеме поздравот до врсниците од Македонија. Еве ги имињата на овие мали Далматинци, кои ми оставија впечаток дека се добри другари и добро воспитани деца, кои ако не беа такви, немаше да нижат успеси и во учењето и во спортот. Тоа се: Домагој, Иван, Бартол, Тадија, Филип, Доминик, Дује, Бартол, Марин, Стјепан, Иван.

– Ги поздравуваме нашите врсници од Македонија и им порачуваме да се занимаваат со кој било спорт. Спортот придонесува за здрав живот, а ние ја имаме и таа привилегија да пливаме во Јадранско Море за време на целото лето. Во спортот победува другарството, а резултатот е поттик за сите да бидат подобри – ни рекоа овие деца, кои се враќаа во своите домови и во своите основни училишта во Трогир.

Наум Попески