„Детски евросонг 2021“

На 19-то издание на „Детскиот евросонг“, кое се одржа во неделата во Париз, победи претставничката на Ерменија, 14-годишната Малена, која ја испеа песната „Qami,Qami“. Таа освои вкупно 224 поени, половина од жирито и половина од телефонските јавувања. Девојчето од преголема возбуда не можеше да ги запре солзите по прогласувањето на победата, а целата сала бурно ја поздрави победничката.
Второто место го освои симпатичната Сара со 218 поени, која ја претставуваше Полска со песната „Somebody“, а третото место му припадна на темпераментниот Енцо од Франција, кој пееше „Toc tac“ и освои 187 поени.
Македонските претставници: Кристина, Анастасија, Миха и Филип, децата од популарната телевизиска серија „Дајте музика“, кои ја испеаја песната „Green forces“, беа деветти со освоени 114 поени. Автори на песната се Роберт Билбилов, кој ја напиша музиката, и Робин Зимбаков, кој го напиша текстот, а кореографијата е на Теодора Јолакоска од балетското студио „Еурека“.
Настапот на македонските претставници беше одличен, тие немаа трема и супер звучеа и танцуваа на сцената, а и публиката во салата цело време ракоплескаше и бруно реагираше на нивната изведба на песната, со која, како што велат, испраќаат порака до своите врсници, но и до возрасните, да ја чуваме планетата, зашто таа е наш единствен дом.
Сите четворица веќе три сезони се дел од тимот на „Дајте музика“, каде што глумат, играат и пеат, а тоа многу придонело да имаат поголема самодоверба и сигурност на евровизиската сцена во салата „Сен музикал“ во Париз.
Инаку, македонски тим годинава е автор и на песната со која бугарските претставници на „Детската евровизија“, Денислава и Мартин, се претставија во Париз. Автори на текстот и на музиката на „Voice of love“ се: Васил Гарванлиев, Давор Јордановски и Весна Малинова. На крајот, Бугарија беше 16-та со 77 поени, а од земјите до нашето опкружување Србија беше 13-та, со освоени 86 поени, а Албанија 14-та, со 84 бода.