Нашата виолинистка Пламенка Трајковска неодамна го објави музичкиот албум за деца „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс, во адаптација за виолина и пијано. Инаку, познатата инструменталистка веќе неколку години се залага класичната музика да ја доближи до децата и изминатиот период реализираше повеќе концерти за деца.

Исклучителна е музичката пиеса „Карневал на животните“, која во оригиналната форма се изведува со голем број музичари. Затоа Пламенка Трајковска направи аранжман за виолина и пијано со цел ваквиот состав да биде мобилен и да ја донесе класичната музика полесно до децата.

„Карневалот на животните“ музички опишува различни животни – лав, кокошки, желки, слон, кенгур, риби, магариња, кукавица, птици, лебед. Кога децата слушаат, треба да ги најдат музичките елементи на одделните животни како на пример брзо – бавно животно, дебело или слабо животно, во каква атмосфера се наоѓа и многу други елементи. Преслушувањето на ова дело кај децата овозможува развој на концентрација, имагинативно размислување, препознавање на звучните елементи и многу забава со класична музика.

На музичкиот албум за деца „Карневал на животните“ покрај Пламенка Трајковска на пијано ја придружува Весна Тасевска-Ананиева. Албумот е сниман од Ален Хаџи Стефанов во студиото на Македонската филхармонија.

Музичкиот албум се продава онлајн на цеде, ќе биде достапен на Ајтунс, Амазон, следната недела, и ќе може да биде преслушуван на Спртифај и на сите познати светски платформи. За македонските деца, музичкиот албум „Карневал на животните“ на Пламенка Трајковска празнично е достапен на платформата Групер по популарна цена.