Прототип за девојчето Ноли во мојата нова книга сум јас, односно детето во мене,
вели писателката Вера Андон

Нови изданија за деца: „Ноли и детелинката“ од Вера Андон

Токму пред новогодишната ноќ Дедо Мраз, заедно со авторката Вера Андон, илустраторот Кристијан Јованоски и издавачката куќа „Топер“, на сите дечиња им ја подари сликовницата „Ноли и детелинката“.
Во стихуваната сликовница „Ноли и детелинката“ ќе се сретнете со многу интересни ликови. Нив нема да ги најдете во други сказни и приказни, ниту во други песни што веќе ви ги читале или раскажувале. Овие се тука некаде, во некој парк, ливада или градина и вие веќе сте ги виделе, а можеби некого од нив и ќе препознаете. Ќе се дружите со детелинката Лени, девојчето Ноли, цветот Лале, пеперутката Лете и Мама. А што се случило меѓу нив, кој како постапил па станал среќен, а кој пак останал тажен и замислен, низ стиховите ќе ве води раскажувачката Вера Андон.
Но за да биде една сликовница комплетна и да ги задоволи високите барања за квалитет и за убавина од страна на најпребирливата и најправичната публика, важно е да има богати и квалитетни илустрации. За среќа, во овој случај од една страна имаме лирика во стиховите, а од друга страна лирика и ликовно мајсторство во илустрациите на академскиот сликар Кристијан Јованоски.

– Јас пишувам претежно поезија за најмладите, стихови во кои јунаците се деца. И тие се реални, имаат свој прототип во реалниот живот и само се модифицирани, изменети со измислени, но често и со реални случувања. Но ликот на Ноли, за разлика од сите ликови досега создадени, беше нешто што живее меѓу сонот и јавето. Реален, но лик што најчесто ми беше во мислите ноќе, во сонот… Велам реален зашто, на крајот на краиштата, сосема неочекувано сфатив дека прототип на Ноли сум всушност јас, детето во мене, односно ликот што е од времето кога јас бев навистина дете – ни раскажа поетесата Вера Андон за настанувањето на нејзината нова сликовница.
Зборувајќи за важноста на усогласеноста меѓу текстот и илустрациите во една сликовница, Вера Андон ни кажа дека илустраторот за оваа нејзина најнова книжевна рожба го открила токму на страниците на нашето „Колибри“.

– Почувствував дека ми треба илустратор што можеби ќе го одгатне тоа чувство во мене, ќе наслика нешто што јас не можам да го опишам, да го дефинирам… Во списанието „Колибри“ видов токму еден таков стил на сликар, топол, лиричен и со порака и, што е најважно, со многу емоции. Тоа беше младиот Кристијан Јованоски. Се имавме запознаено пред тоа на некои изложби, промоции. Знаев за него само дека е сликар. Но само толку. Стапивме во контакт. Му ја испратив приказната. Ми ја прати првата илустрација… И си реков: Еее, еве како изгледала Ноли – со радост раскажува Вера Андон.
Рецензент на книгата е поетот Филип Димкоски, лектурата ја направи Љубица Севдинска, а оваа прекрасна сликовница можете да ја најдете во сите продажни места на „Топер“, како и во другите книжарници низ Републикава со кои соработува оваа издавачка куќа.