Од македонската литература за деца: „Борко брзозборко“
на Ксенија Маказлиева Трајчева

Лина е болна.
– Навистина е – рече лекарот – ќе мора да остане дома барем еден ден. А можеби и два. И нека пие многу чаеви, супи…
– Слушна ли Лина? – праша мајка .
– Да, да – одговори Лина и наеднаш си ги покри носот и устата со двете дланки и: Апчииииихааа!!!
– На здравје – рекоа во еден глас и лекарот и мајка ѝ.
– Благодарам! – им одговори Лина, шмркајќи со носот.
Кога пристигнаа дома, нејзиниот брат близнак веќе беше вратен од училиште.
– Се спаси од часови, а Лина? – ѝ рече.
– Подобро ќе беше да се спасев од чаеви и супа. Ама…
– Секој со својата среќа – врати брат ѝ – но од домашна работа нема да се спасиш, треба…
– Не кажувај ми, јас утре не доаѓам на училиште… апчиха! Гледаш колку сум болна? – се правдаше Лина.
– Болна, здрава – ја прекина брат ѝ – треба да напишеш писмо до таткото на градот.
– Молам, до кого? – се чудеше Лина.
-До градоначалникот – тој да ти бил таткото на градот – а ние треба да напишеме писмо до него. И лично ќе му го предадеме кога ќе одиме во посета на нашата Општина, следната недела.
– Општина, градоначалник, татко… на што? Ништо не те разбирам, Мартин – се чудеше Лина.

– И мене многу не ми е јасно, ама, колку што разбрав, за нашиот град се грижи Општината на градот. Тоа е, знаеш, таа голема зграда до малиот парк…
– Зградата се грижи за градот? Глупости… – го прекина Лина.
– Не зградата, туку луѓето што работат во таа зграда. А градоначалникот е најважен од сите. Тој…
– Тогаш јас, кога ќе пораснам, сакам да бидам градоначалник…
– Но ќе мора сите да ги почитуваш и слушаш, да…
– Е тогаш како ќе бидам најглавна?
– Работата на градоначалникот не е да биде најглавен, туку да се грижи за сите што живеат во таа општина, како татко…
– Јас ќе бидам како мајка – рече самоуверено Лина.
– Уф, поарно да си дојдеше на училиште, наставничката убаво ни објасни, а ти сега ме збунуваш…
– Добро де, како татко или како мајка што е важно? Важно е сите да бидат среќни и задоволни, така?
– Па, да… така некако…
– Штом е така, отвори го лаптопот, седни пишувај – рече Лина.
– Сега? Веднаш? – се збуни Мартин.
– Да, додека не ми избегале мислите, апчиха! Подготвен си?
– Да, да… ама нели си болна?
– Драг татко на градот – почна да диктира Лина, како да не го слуша – стави запирка, па нов ред…

– Запирка, да… нов ред… потоа?
– Во нашата општина треба да има повеќе игралишта, помалку паркиралишта. Повеќе паркови, помалку станбени згради. И да не заборавам…
Лина диктираше, Мартин пишуваше и се чудеше: „Оваа моја сестра е чудо. Ем болна, ем кашла и кива, ем полна е со идеи… А можам да замислам какво ќе беше писмово ако не беше болна“.
– Мартин, ме слушаш ли? Пишувај, каде ти „летна“ паметот?
– Да, да, пишувам – рече Мартин. – Што рече последно?
– Знаев дека не ме слушаш!
– Признавам! Но сега целиот сум претворен во уво. Значи повеќе паркови, повеќе стадиони за фудбал…
– Тоа не го реков, но добра ти е идејата…
И така набројуваа уште долго тоа попладне.
Што мислите, што уште напишаа во писмото до таткото на градот Лина и Мартин?

Предизвик

Обидете се и вие да напишете писмо до вашиот градоначалник. Кои ќе бидат вашите предлози и барања?


За авторката

Ксенија Маказлиева Трајчева е авторка на збирките раскази за деца „Спирко немирко“ (2014 г.) и „Борко брзозборко“ (2020), во издание на „Просветно дело“, како и на над 90 раскази за деца објавени во литературните списанија за најмладите: „Развигор“, „Другарче“ и „Росица“.
Работи во издавачката куќа „Просветно дело“. Била уредничка на „Другарче“, а во моментот ги уредува „Росица за најмали“ и „Росица за ученици од прво одделение“, како и изданијата за предучилишна и раноучилишна возраст.
Активно е вклучена во литературни манифестации за деца во земјава и во регионот, како авторка за деца и коорганизаторка на литературни конкурси и книжевни работилници за деца и млади.
Во март 2020 г., меѓународната организација „Грин тинкер сосајати“ ја вбројува меѓу 50-те најдобри уредници на списанија и книги за деца во светски рамки.