Петар Кукунеш е мошне весело и љубопитно дете. Како и секое петгодишно момче сака да ги гледа анимираните филмови „Маша и Медо“, „Пепа прасето“, „Елса и Ана“, но тој од своите врсници се издвојува по еден необичен талент. Ги препознава знамињата на сите земји во светот, а ги знае и имињата на повеќето главни градови.

За неговиот талент разговаравме со неговиот татко, професор по географија, Никола Кукунеш. Тој ни кажа дека покрај другите игри на мобилен телефон неговото внимание го привлекуваат видеата на кои се изучуваат формите, боите, планетите.

Петар веќе на три години читал на македонски и на англиски јазик, а почнал да пројавува интерес за илустрираните книги и енциклопедии. Паралелно ги учел и имињата на главните градови на многу земји, а најлесно ги памети знамињата.

– Неговите афинитети брзо беа препознаени и во градинката од страна на неговите воспитувачки и негувателки, така што добар дел од времето таму имаше можност да учи со нив, како и во неговата омилена игротека. И дома, и јас и сопругата сме ангажирани околу неговата едукација, бидејќи и двајцата имаме долгогодишно искуство како просветни работници – вели Никола Кукунеш.

Тој додаде дека Петар кога ќе порасне сака да стане научник. Ст.К.