Голем одѕив на креативниот повик на „Колибри“ до учениците

Драги деца,
Многу нѐ израдуваа вашите творби: песни, цртежи, состави, па и ракотворби од пластелин што секојдневно во голем број пристигнуваат на нашата електронска адреса. Драго ни е што ја поттикнавме вашата креативност и што ви овозможивме во овие денови, кога наставата се одвива онлајн, а преостанатиот дел од денот претежно сте дома, да направите нешто убаво, да ги покажете своите таленти и вештини.
Творби има од цела Македонија и навистина се интересни, а највпечатливо е што се многу различни едни од други. Секако, заедничко им е што ги направиле малите вредни раце, кои и овој пат докажаа дека многу знаат и многу можат.

И, секако, голем поздрав до вашите наставнички, кои и во овие кризни денови мислат на вас и на вашето образование, давајќи се од себе да го совладате предвидениот материјал, па, ете, и да најдете време за креативност преку учеството на нашиот конкурс.
Очекуваме уште многу ваши литературни и ликовни творби, а вие потрудете се да бидете уште покреативни. Еве ги пропозициите: можете да ни испратите литературна творба (песна или расказ) или ликовна творба (цртеж, слика…), но и ваши анегдоти, случки од секојдневието, шеги… Тоа можете да го сторите ако вашата творба ни ја испратите на нашиот мејл: [email protected].

Пишаните творби треба да се испратат во еден ворд-документ, во кој, освен творбата, ќе има и податоци за името и презимето на авторот, возраста, градот и името на училиштето. Ликовните творби, пак, треба да се прикачат како ЈПГ-
документ, а во пораката да се наведат името и презимето на авторот, возраста, градот и името на училиштето.

Право на учество имаат децата од сите одделенија во основното образование во
Македонија, темата е слободна и може да се учествува во една или во повеќе
категории.

И како што треба да биде, комисијата од новинари, писатели за деца и ликовни
уметници ќе направи избор и најдобрите литературни, ликовни и други дела ќе бидат објавени на страниците на „Колибри“, а нивните автори ќе добијат книга како награда.
И не заборавајте, повикот е отворен до 1 јуни!

Ве очекуваме,
Вашето верно другарче „Колибри“