„Дувни, дувни ветренце“ е насловена најновата книга со песни за деца од познатиот писател Наум Попески, кој своето творештво им го посвети на најмладите. Делото го издаде книгоиздателството „Бата прес“ од Скопје. Стихозбирката содржи околу 90 песни на различни теми: за игра и забава на најмалите и е наменета, пред сè, за деца од претшколска возраст.

– Застапени се песни од секојдневието на децата, за природата, татковината, за другарството… Напишани се на едноставен јазик и со рима, за лесно да ги запаметат децата од претшколска возраст, но и оние од првите одделенија во основното училиште… Ова се песни за ведро и весело детство, кои се препознатливи кога се работи за песни за деца од моето творештво – вели Наум Попески.
Тој досега има објавено повеќе од 20 книги за деца. Познат е како автор на првиот Бонтон за деца на македонски јазик. Попески неодамна ја објави книгата „Македонска азбука во стихови“, како и монографијата за Поречието.

 

ДУВНИ ДУВНИ ВЕТРЕНЦЕ

Дувни дувни ветренце
уште рано в зорите,
донеси ни свежина –
високо од горите.

Дувни дувни ветренце
низ цветните гранчиња,
те молам разиграј ги
езерските бранчиња.

Дувни дувни ветренце
в поле низ цветчињата,
нека пеат птиците –
да растат дечињата.
ВОЗДУХ ЧИСТ

Сите ние бараме
во природа зелен лист,
затоа што знаеме –
таму има воздух чист.
Воздухот е невидлив
мора да се сложиме
и да си признаеме –
без него не можеме!

МНОГУ СИ МИ СМЕШЕН

Јас не чувам куче,
ни маче, за жал,
ама дома имам –
еден папагал.
Секој што ќе дојде
мој пријател, нели?
Многу си ми смешен,
тој веднаш му вели!?
Во шега му реков:
– Ти си многу грешен!
Папагалот веднаш:
– А пак ти си смешен!?

ВЕДРАН

Ведро небо,
ведар ден,
Ведран има –
роденден.
Мама торта
направи,
а пак тато –
наздрави.
Се радува Ведран,
тој од радост блика,
нигде не сум видел,
поубава слика.

Наум Попески