Од творештвото на писателот Ванчо Полазаревски

Пеперуг и пеперуга
какви нема
ни во Струга,
оделе по пруга,
фатени, така
под мишка,
кога „оп“,
се слушнала
воздишка:
„Фустанов мој,
повеќебоен,
специјално
кроен
за бал,
има квар,
сосем мал“.
За среќа,
на тоа место,
имало често,
самовили мили,
тие, без многу
циле-миле
така, за џабе и
шивачки биле.
И една од нив,
со игла, месечев
сребрен лак,
конец тенок,
златен зрак,
шив-шив,
штрак-штрак…
И фустанот бил,
како нов пак.
За тоа време,
тука со нив,
пеперугот
чекал без здив.
Зошто?
Затоа што балот
не можел
да почне без нив.
Потоа двојката танцувала,
танцувала, танцувала,
танц по танц…
„Е, танцувала,
танц за танц…
Колку? На пример, дена?“
„Па, толку колку требало
пеперугот да ја
побара пеперугата за жена.“
„Прифатила?“
И-их!
Кој ова го праша,
да срка врела каша.