Илустрација: Кристијан Јованоски

Другарчиња драги, во новата рубрика „Екокатче со Вики и со Влатче“ другаруваме со нашите херои што природата ја чуваат, тие се природољупци – љубов на природата ѝ даруваат. Згоди и незгоди им се случуваат, но од својата екомисија не се откажуваат учат, но и се забавуваат

Екокатче со Вики и со Влатче (3)

– Добар ден, драги ученици – упати поздрав наставничката од одделението четврто еден.
– Денеска ќе имаме еден поинаков час по предметот Природни науки. Денес нема да ви предавам јас.
– Иииии, нема веќе да бидете наша наставничка? – праша загрижено едно од децата.
-Ха-ха-ха – не, секако дека не. Зарем можам да ве оставам драги мои? Сакав да ви кажам дека денес наместо мене, предавање ќе држат вашите соученици од шесто одделение. Ви ги претставувам Вики и Влатче од шесто два одделение. Тие во нашето училиште се познати како екохерои затоа што многу знаат за природата и многу прават за да ја зачуваат. Треба да ви бидат пример. Вики и Влатче повелете со вашето предавање.

– Здраво драги другарчиња – едногласно рекоа двајцата, а потоа Влатче го продолжи разговорот.
– Дали за вас е значаен датумот триесетти ноември? – праша Влатче.
– Дааа – извикаа две деца од претпоследната клупа. На нашата Ана од трета клупа на 30 ноември ѝ е роденден.
– Ооо, колку убаво. А нешто, друго, нешто друго… – рече Вики.
Четвртоодделенците молчеа.
– Е па, вака драги наши соученици. На триесетти ноември освен што ѝ е роденден на вашата Ана, има уште една важна работа на тој датум. Тоа е Ден на националниот парк Пелистер. Затоа ние денеска сме тука да ви кажеме нешто повеќе за овој наш национален парк.

Вики: Националниот парк Пелистер се наоѓа помеѓу Пелагониската и Преспанската Котлина.
Влатче: Пелистер е прв прогласен за национален парк во Република Македонија.
Вики: Овој национален парк зафаќа и дел од планината Баба со највисокиот врв Пелистер.
Влатче: Пелистер се наоѓа во близината на градот Битола.
Вики: Од Пелистер, како на дланка се гледаат котлината Пелагонија од едната страна и Преспанско Езеро од другата страна.
Влатче: Драги другарчиња, сакам и уште нешто интересно да ви кажам. Пелистер има очи.
– Очи? Ха-ха-ха-ха-ха. Како може планина да има очи? – зачудено и со смеа прашаа децата.

– Не ве лаже Влатче, навистина е така – рече Вики.
– Пелистерски Очи се нарекуваат двете леднички езера што се наоѓаат на Пелистер. Има Големо Пелистерско Езеро и Мало Пелистерско Езеро. Бистри се и сини и затоа се нарекуваат очи на планината – продолжи Вики.
– Пелистер е секогаш убав. Во лето најпријатни се прошетките и другарувањето со разните растенија. Додека во градовите е многу топло, на Пелистер е свежо и пријатно. Во зима, пак, Пелистер е рај за зимските спортови – дополнуваше Влатче.
– А, пак, да знаете колку реки и извори течат низ Пелистер. Ех-ех-ее… Планинските реки Сапунчица, Шемница, Брајчинска и други се полни со риби, а нивната вода е свежа и бистра – со воодушевување раскажуваше Вики.
Раскошен е растителниот свет на Пелистер, но тој е најпознат по моликата. Моликата е ендемичен вид бор.
– А што е тоа ендемичен…
– О, да се извинувам – рече Влатче.
– Тоа значи дека борот молика го има само на Пелистер и на ниедно друго место во светот. Покрај моликата, на Пелистер растат дабови, ели и буки, а и разновидни грмушки. Поради богатството од растителен свет, на Пелистер има и многу животни – дополни тој.

Ѕрн-ѕрн-ѕрн… се слушна училишното ѕвонче, кое го означи крајот на часот.
– Аааа… сакаме уште, сакаме уште… – гласно извикуваа четвртоодделенците.
– Да навистина има уште многу да се каже за Пелистер… Ете, на пример, сакавме да ви ја раскажеме легендата за настанувањето на Пелистерски Очи -рекоа Вики и Влатче.

– Но, ете тоа нека биде вашата домашна задача. Барајте од книгите и на Интернет за легендата за Пелистерски Очи – дополни наставничката.
Таа им се заблагодари на Вики и на Влатче, им честиташе за прекрасниот час, а четвртоодделенците ги испрати на голем одмор.


Занимливост

Ледничките езера уште се нарекуваат и глечерски или глацијални езера. Тие се природни езера, настанати со топење на мразот во ледената доба. Најчесто се наоѓаат на високите планини и зафаќаат мала површина. Во Република Македонија се познати 43 леднички езера.