Нова книга за деца од Ели Маказлиева

Неодамна беше промовирана новата книга за деца на писателката Ели Маказлиева, насловена „Весели вагони низ четири сезони“, а издавач е „Едука мак“. Тоа е стиховница и соновница, вистинска поетска наслада за најмалите, кои поетесата ги опсипува со конфети од стихови.
„Весели вагони низ четири сезони“ е извонредно дело, со своите повеќестрани пораки, одличен патоказ кон вредностите, сознајните длабочини, но и кон уживањето во убавината на стихотворието. Сево ова укажува на фактот дека пред нас имаме вонсериско, изградено дело, според сите светски стандарди, од повеќе аспекти. Книгата има стабилни едукативни, педагошки, но и естетски, аксиолошки и мудроносни вредности – пишува во својата рецензија за делото проф. д-р Кристина Николовска.

Неодоливо харизматично, со многу рафинирани финеси, поетесата им се обраќа на децата со кратко воведно обраќање и искрено верува дека заедно со децата читатели: „Со стихови времето ќе го менуваме, со златно сонце ќе го осветлуваме, со дождовни капки ќе го украсуваме, на крилјата од песните до небото сино ќе патуваме и пак на земјата ќе слетуваме.“
Во новиот поетски ракопис за најмладите читатели поезијата на Маказлиева расте низ циклусите: „Есенски поздрави“, „Зимски радости“, „Пролетни песни“, и „Летни игри“.
Со фасцинантна поетска енергија, креативност и инвентивност, авторката ги развива овие тематики, сообразно на педагошкиот, воспитниот, едукативниот, сознајниот раст на најмладите читатели, кои преку овој поетски водопад може да уживаат, да се насладуваат, но и квалитетно да се едуцираат и воспитуваат.


Во лето

Во лето сонцето најсилно
и најтопло грее,
а плодот на дрвјата зрее
и весело се смее.

Во лето има многу овошје
и зеленчуци разни,
пчелките ги полнат со мед
теглите празни.

Во лето и млад и стар
на одмор сака да оди,
на планина, на плажа,
со себе и другарче си води.