ТАЛЕНТИ: Арелена Гостимировиќ (14), сликарка

Арелена Гостимировиќ има 14 години и секојдневно нурнува во богатиот свет на ликовната уметност. Деновиве таа ја реализира својата прва самостојна изложба во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци.
– Мојата уметност е микс на фантазија, емоции и дел од моето секојдневие. Посакувам секој што ги гледа моите дела да најде свое толкување и значење во нив. Иако сум свесна дека сега сѐ уште имам уште многу да учам и да ги проширам моите хоризонти во уметничкото патување, навистина сум благодарна за сите можности што ми беа дадени или, подобро кажано, ми беа подарени. Се чувствувам должна и драго ми е да им се заблагодарам на моите најблиски пријатели, семејство, наставниците и на менторот Горан Боев. На сите овие прекрасни луѓе што ме водеа и ме поддржаа и искрено се надевам дека ќе продолжат да ме поддржуваат на овој волшебен пат што засега го избрав – вели Арелена.
На отворањето на изложбата за уметничките дела на Гостимировиќ говореа директорката на Домот на културата Јулијана Туриманџова и нејзиниот ментор Горан Боев. Тој го истакна нејзиниот талент, но и отвореност да учи и да експериментира усвојувајќи нови техники и начини на сликање. Ми.М.