Во категоријата учесници од 13 до 18 години, првото место ѝ припадна на Ања Поп
Костова, ученичка од деветто одделение во ОУ „Крсте Мисирков“

Минатиот викенд во Гевгелија се одржа дводневниот фестивал „Европорта фест 2021“, во организација на здружението на граѓани „Внимание“. Станува збор за една интересна манифестација, единствена од таков тип во Македонија.
Имено, на фестивалот настапија петнаесетина млади таленти од Гевгелија и од соседните општини Богданци, Струмица и Валандово, кои сакаат да се занимаваат со музика, било од хоби било професионално. Сите тие беа поделени во три категории, ученици од 13 до 18 години, возрасна група од 19 до 24 години и вокални состави. Двете вечери во една позната дискотека во Гевгелија можеа да се чујат познати рефрени на песни од: Тоше Проевски, Каролина Гочева, Дино Мерлин, Оливер Драгојевиќ, Северина, Адел, Џон Леџенд, Лејди Гага, Кристина Агилера…, но и народни песни од Александар Сариевски и други пејачи.
За професионалноста на овој фестивал зборува и фактот што на него настапувале и победувале македонската Нина Симон, Теодора Гошева, Стојан Бучков, победник на фестивалот во Велинград, Бугарија, како и Ангелина Несторова, која настапи во талент-шоуто „Заблескај“. На крајот од овој дводневен настан, стручната жири-комисија во состав: Боби Ѓошиќ, Александар и Елисавета Бончеви и Маја Зафирова, заедно со менторите на учесниците, ги прогласија победниците во повеќе категории.
На фестивалот учествуваа: Ѓорге Митров, Ангелина Несторова, Патриција Петкова, Дијана Јакимова, Серафина Ѓорбашлиева, Ања Поп-Костова, Мартин Костадинов, Филип Ангов, Марија Папучиева, Ели Бојмалиева, Ангела Зафирова, Кристина Терзиева, Анела Николова и Тамара Томова.

Во категоријата учесници од 13 до 18 години, првото место ѝ припадна на Ања Поп Костова, ученичка од деветто одделение во „Крсте Мисирков“. Првата вечер таа настапи со песната на Јелена Томашевиќ, „Име моје“, додека на втората вечер го испеа познатиот хит на Адел, „Set fire to the rain“.
– Искрено, не очекував дека ќе ја добијам првата награда, многу сум радосна, а се чувствувам горда, бидејќи талентот за музика го наследив од мојата мајка – ни кажа Ања по настапот.
Второто место ѝ припадна на Тамара Томова, а третото на Патриција Петкова. Победникот Филип Ангов, второрангираната Кристина Терзиева и треторангираните Серафина Горбашлиева и Анела Николова се најдобрите помеѓу возрасната група од 19 до 24 години. Од настапите во состави, првото место му припадна на дуетот Филип Ангов и Серафина Горбашлиева, второто на дуетот Ѓорге Митров и Ангелина Несторова и на триото Кристина Терзиева, Анела Николова и Тамара Томова, а третото на квартетот Дијана Јакимова, Марија Папучиева, Ања Поп-Костова и Ангела Зафирова.
Ангела Зафирова е ученичка во основното училиште „Крсте Мисирков“, а Марија Папучиева учи во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија.

Ангела Зафирова беше презадоволна од настапот на фестивалот и само кратко ни кажа дека талентот го наследила од својата мајка, Маја Зафирова, додека за Марија Папучиева талентот за музика е божја дарба, затоа што од мала сакала да пее, а се надева дека во скора иднина ќе ѝ се оствари нејзината голема желба да застане на вистинската фестивалска сцена рамо до рамо со нашите најдобри пејачи.
Проект-координаторката Маја Зафирова, претседателка на здружението „Внимание“, изрази голема благодарност до сите учесници за учеството на фестивалот, нагласувајќи дека за неа сите се победници.
– Секој од нас поседува талент што нè прави единствени – и затоа тој талент треба да го споделиме со целиот свет – рече Зафирова.
И на крајот да додадеме дека уште еднаш и со овој фестивал, Гевгелија, како и другите општини од Југоисточна Македонија, докажа дека располага со голем број музички таленти, за кои допрва ќе се чуе.