Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје распишува конкурс за „Меѓународниот фестивал на бајката 2021“. Фестивалот ќе се одржи онлајн и со физичко присуство на крајот од декември 2021 година.
Конкурсот е за бајки и илустрации на бајки наменети за деца од градинка и основно училиште.
На конкурсот може да учествуваат автори од Македонија и од странство со неограничен број свои бајки. Обемот на бајките треба да биде од 1 до 10 страници А4-формат. Инаку, нема никакви други ограничувања на темите и возраста на авторите. Учесниците на конкурсот од соседните земји треба да ги испраќаат бајките на својот мајчин јазик, а авторите од Европа и од светот на својот мајчин јазик и во превод на англиски јазик.
Сите бајки треба да бидат задолжително со машки или женски лик – девојче или момче, или со двата лика заедно. Значи, главни ликови треба да бидат децата, кои се во центарот на вниманието и сѐ се врти и случува со и околу нив. Тие како ликови имаат позитивни и негативни особини, а приказните треба да бидат необични, современи, духовити, оригинални и поучни. Се разбира, бајките треба да бидат приспособени на детската возраст. Целта е да се искреираат два детски лика – девојче и момче, кои потоа ќе бидат и илустрирани и со нив ќе се објавува серијал со најразлични ситуации и приказни.
Покрај текстовите може да се испраќаат и илустрации (цртежи во боја, слики и слично) на двата главни детски лика – девојчето и момчето.
Исто така, ги очекуваме и вашите предлози за имињата на главните ликови – девојче и момче, од кои ќе бидат избрани и двете најпопуларни имиња, кои потоа ќе бидат прогласени за јунаци на серијата од изданија и украсни и други подарочни предмети.
Најдобрите бајки и илустрации ќе бидат објавени во повеќе посебни книги (сликовници) со главниот машки и женски лик за што авторите ќе добијат награда – уметничка слика и признание за најдобра авторска бајка и илустрација.
Бајките, илустрациите и имињата на главните детски ликови треба да се испраќаат во периодот од 15 септември до 1 ноември 2021 година на следниов мејл: [email protected], со напомена: за Фестивалот БАЈКА 2021.