Вие ни јавувате

Учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид се дел од меѓународниот проект на Е-твининг – „Математички филмски фестивал 2021“. Учествуваат 26 наставници од шест земји во Европа: Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија, Турција и Шведска.

– Желбата да им ја приближам математиката на учениците од поинаков агол беше главна причина да се пријавам и да учествувам во проектот „Математички филмски фестивал 2021 година – истакна наставничката Силвана Крстеска од ООУ „Кочо Рацин“ во Охрид.

Во проектот учествуваат шестмина ученици од нашето училиште: четворица од шесто и двајца од деветто одделение. Првата активност што ја имаа децата во рамките на проектот беше да ја прочитаат книгата „Човекот што броеше“ од Махалба Тахан.
Потоа беа дел од неколку работилници на различни теми. Првата онлајн работилница беше реализирана на 12 октомври минатата година, на темата „Вовед во пишување сценарија“. На 9 ноември имавме едукативен вебинар за анимација. Дамир Бачиќ великодушно ги сподели своите знаења и сознанија за ова возбудливо поле на креативност и ИКТ. Исто така, нè охрабри да откриеме софтвер за анимација, како што се: Флеш, Тон Бум, Премиер и Aфтер ефектс. На 26 ноември имавме интересна работилница за поврзаноста меѓу литературата и филмот. Нашиот предавач Јосип Млакиќ го сподели со нас своето изобилство на знаење за темата, а научивме и за основниот филмски јазик и основните сценарија.

Откако учениците ја прочитаа книгата „Човекот што броеше“, ја одбраа приказната што им остави најголем впечаток и направија сценарио според избраната приказна.
Врз основа на напишаното сценарио за одбраната приказна „План на играта“, учениците Димитар Сиљановски, Емилија Силјановска, Сара Котеска, Надица Тасеска, Даниел Сиљановски и Марија Силјановска креираа анимиран филм, кој беше награден со втора награда на „Математичкиот филмски фестивал“ што свечено се одржа на 17 мај, со почеток во 17 часот во Сараево. На фестивалот учествуваа 15 филма од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Турција и од Македонија.
При креирањето на филмот учениците користеа различни веб 2.0 алатки: Битмоџи, Пауер Поинт, Зум, Гугл док и други.

Една од активностите во проектот, покрај читањето на книгата, беше да се направи лого, за што учениците ја искористија веб-алатката Канва. Следна активност, покрај пишувањето на сценариото, ни беше изработка на постер за фестивалот. Потоа учениците имаа соработничка активност во алатката Ментиметар, каде што сите ученици во проектот го запишуваа своето мислење на темата „Што е најважно за создавање квалитетен филм?“ Врз основа на резултатите добиени од Ментиметарот, учениците имаа заедничка дебата во алатката Киало. Темата беше „Што е најважно за квалитетен филм, актерите или сценариото?“

Со учеството во овој E-твининг проект, учениците ги интегрираа книжевноста, математиката и информатиката. Станаа побогати со прочитано ново книжевно дело, ги збогатија своите знаења од медиумска писменост за филм, пишување сценарио, решаваа математички проблеми, бидејќи во секоја приказна во проектот е вметната математичка загатка што треба да се реши. Исто така ги подобрија своите компјутерски вештини, користејќи најразлични веб 2.0 алатки.

На следниов линк погледнете го нашиот филм: