Драги деца, во „Колибри“ секој вторник ја следите серијата „Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров“.
Бидејќи писателите секогаш бараат инспирација во своето опкружување за она за што пишуваат, еве како Кацаров дошол до идеја да пишува за живиот свет.
– Во дворот на старата куќа каде што растев живееја: кучето Џони, мачката Донка, магарето Марко, свињата Мила, петлето Мерко и кокошките, пет на број. Секогаш кога ќе се појавев во дворот се редеа во круг околу мене. Секое од нив ми се обраќаше на својот јазик. Плачев и се лутев сѐ до мигот кога почнав да ги разбирам. Колку само беа радосни додека бараа да ги милувам и хранам. И јас бев среќен зашто од најголемиот, најумниот учител – природата, учев како да бидам добaр. Како што растев така растеше и желбата во мене никогаш да не се разделам од животинскиот свет – да бидам, ако не друго, барем негов поет – ни раскажа познатиот писател.
Се разбира, овие интересни едукативни стихови, преку кои ќе ги запознаете инсектите, птиците, животните и растенијата, нека бидат поттик за вас и самите да напишете некоја слична песничка. И, се разбира, пратете ја на нашата адреса, ние со задоволство ќе ја објавиме.

Ве сака вашето „Колибри“!


За авторот

Трајче Кацаров (61) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „АКO“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 г. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип. Истата таа година го добива признанието „Деец во културата“, а во 2009 г., Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.


ДА ГИ ЗАПОЗНАЕМЕ ДОМАШНИТЕ ПТИЦИ

 

Петел

Петелот е доживотен
Oсуденик
Да биде будилник

Квачка

Квачката
Квачи јајца куп
Во гнездото место нема
Петелот е лут

Пиле

Пиленцата растрчани
По дворот
Многу се на број
Се караат квачката и петелот
Од чиј се сој

Гулаб

Сликата е за во рамка
Кога ќе видиш
Гулаб на гранка