Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров (4)

Драги деца, во „Колибри“ секој вторник ќе ја следите серијата „Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров“.
Бидејќи писателите секогаш бараат инспирација во своето опкружување за она за што пишуваат, еве како Кацаров дошол до идеја да пишува за живиот свет.
– Во дворот на старата куќа каде што растев живееја: кучето Џони, мачката Донка, магарето Марко, свињата Мила, петлето Мерко и кокошките, пет на број. Секогаш кога ќе се појавев во дворот се редеа во круг околу мене. Секое од нив ми се обраќаше на својот јазик. Плачев и се лутев сѐ до мигот кога почнав да ги разбирам. Колку само беа радосни додека бараа да ги милувам и хранам. И јас бев среќен зашто од најголемиот, најумниот учител – природата, учев како да бидам добaр. Како што растев така растеше и желбата во мене никогаш да не се разделам од животинскиот свет – да бидам, ако не друго, барем негов поет – ни раскажа познатиот писател.
Се разбира, овие интересни едукативни стихови, преку кои ќе ги запознаете инсектите, животните и растенијата, нека бидат поттик за вас и самите да напишете некоја слична песничка. И, се разбира, пратете ја на нашата адреса, ние со задоволство ќе ја објавиме.
Ве сака вашето „Колибри“!


Романот „Не паркирај гаража“ преведен на украински јазик

Издавачката куќа „Твердина“ од Луцк, Украина, на украински јазик го објави краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ на македонскиот писател Трајче Кацаров. Ова е трето дело, а втора книга, на Кацаров преведено на украински јазик. Претходно беа преведени збирката драмски текстови „Цурки палки“, или „Чалик-чамак“, и пиесата „На клупата“, која наедно имала и сценска изведба во театарот „Мист“ во Киев. Преводот на романот е на Ана Багријана. Илустрациите се на седумгодишната сликарка – ќерка на преведувачката, Оксана Черњаева.
Романот „Не паркирај гаража“ е интересна и впечатлива книга за деца во која се опишани доживувањата на луткото Туфе Џинката. Тој е роден во Чушкоград, кој, пак, се наоѓа на јужната хемисфера на планета Феферона. Во предговорот кон книга, во украинското издание, е дадено објаснување зошто Џинка е „лутко“ и што сѐ може да значи овој збор во македонскиот јазик. Во македонскиот јазик зборот „лут“, за разлика од украинскиот, има неколку значења: остар, горчлив, како и строг, гневен, бесен… За романот „Не паркирај гаража“, авторот Кацаров ја доби наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ за најдобра книга за деца за 2019 година. Преводот на публикацијата е овозможен со финансиска поддршка на Министерството за култура.


ДА ГИ ЗАПОЗНАЕМЕ ДОМАШНИТЕ ЖИВОТНИ

Коњ

Коњот стоејќи на нозе спие
Нему јорган не му треба
спиејќи да се крие

Крава

Секоја крава
За малку сено
Многу млеко ни дава

Магаре

Инаетењето
На мост
Mагарешки e штос

Јаре

И јарето има лоза
Роднина е на коза