Срцето е богатство што не се продава и не се купува – туку се подарува.
Гистав Флобер, француски писател

Има едно материјално нешто што сите го сметаат за највредно и го наведуваат како пример на скапоценоста. Дури тој поим го користат за да го означат оној човек кого го љубат или да опишат некого или нешто што им се допаѓа.
Таа материја и тој збор е злато.
Да, златото ни се допаѓа, има убав изглед и боја, има значење за луѓето. Има и висока цена, па тешко се доаѓа до него, а кога луѓето го имаат може да им послужи како вредна резерва.
Бидејќи го сакаат златото, луѓето си подаруваат златни предмети на најубавите празници, а младенците си разменуваат златни бурми на венчавката.
Златото е силен израз на вредноста и постојан придружник на човечкиот живот во неговите најубави мигови. Меѓутоа, дали златото е толку важно за да се смета за највеличествено токму како материја и предмет.
Не, поважно е духовното „злато“!
Кога некој има добри сознанија, кога се придржува кон моралот, кога вредно и чесно работи, кога етички е изграден и зрачи со најубава морална светлина – тој е живо злато. Повреден е од сѐ друго. Кога некој прави само добри дела, има чисто срце, бистар поглед без зли мисли и постојано е со добри намери – таа личност е суво злато, најсилно и најпосакувано суштество.
Луѓето околу таква личност имаат само полза од неа. Нејзината човечка доблест ги опсипува како најчистите сончеви зраци напролет, а нејзиното постапување ги гали како најубава прегратка.
Не е најубаво и најважно златото како материја, туку златоста на личноста. Ако сме чисти и апсолутно чесни, на луѓето околу нас ние ќе им бидеме како злато, како што и ние посакуваме тие да бидат нам.