Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров

Драги деца, од денеска на страниците на „Колибри“ секој вторник ќе ја следите серијата „Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров“.
Бидејќи писателите секогаш бараат инспирација во своето опкружување за она за кое пишуваат, еве како Кацаров дошол на идеја да пишува за живиот свет.
– Во дворот на старата куќа каде што растев живееја: кучето Џони, мачката Донка, магарето Марко, свињата Мила, петлето Мерко и кокошките, пет на број. Секогаш кога ќе се појавев во дворот се редеа во круг околу мене. Секое од нив ми се обраќаше на својот јазик. Плачев и се лутев сѐ до мигот кога почнав да ги разбирам. Колку само беа радосни додека бараа да ги милувам и хранам. И јас бев среќен зашто од најголемиот, најумниот учител – природата, учев како да бидам добaр. Како што растев така растеше и желбата во мене никогаш да не се разделам од животинскиот свет – да бидам, ако не друго, барем негов поет – ни раскажа познатиот писател.
Се разбира, овие интересни едукативни стихови, преку кои ќе ги запознаете инсектите, животните и растенијата, нека бидат поттик за вас и самите да напишете некоја слична песничка. И, се разбира, пратете ја на нашата адреса, ние со задоволство ќе ја објавиме.
Ве сака вашето „Колибри“!


За авторот

Кацаров е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Роден е во Штип, на 14 септември 1959 година. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Неговите дела се преведени на неколку јазици (англиски, руски, украински, албански, бугарски, српски, хрватски и словенечки), a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе награди од областа на литературата: „Татко и отец“, во 2009 год. е добитник на наградата „Кочо Рацин“. За пиесите „На клупата“ и „Шешири“ е добитник на наградата „Мајстори на прозата“. За збирката поезија „Формата на молкот“ е добитник на наградата „Јован Котевски“. За поемата АКO е добитник на наградата „Григор Прличев“. Во 2004 год. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип, а истата таа година го добива признанието „Деец во културата“. Во 2009 г., Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.