Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од
мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња  и девојчиња

Убаво е да се оди на роденден. Му правиш чест на тој што те поканил, а знаеш дека ќе се сретнеш и со други познати и непознати и ќе биде интересно и забавно. Но мора да се внимава на однесувањето.
Од радост дека те поканиле на роденден, не можеш да им се „растовариш“ уште претпладне?! Другарчето и неговите родители тогаш се подготвуваат, се уредуваат за да ги дочекаат поканетите гости. А тие доаѓаат попладне. Нема белки ти да седнеш претпладне кај него и цел ден да им „киснеш“ таму. И уште повеќе, не е убаво кога веќе си отишол на роденден, да шеташ и да фаќаш низ станот разни работи:
– Ова од каде ти е? Она кој ти го купил?
Па, така, фаќајќи ги работите, можеш нешто и да скршиш. Не е проблем тоа што татко ти ќе го плати тоа што си го скршил, но има нешто што не се купува, нешто што е многу важно, некој убав спомен, сувенир од некаде и слично.Ако нешто ти е толку интересно, прашај, ама не фаќај го со раце.