Книгата е неисцрпен извор на знаење, најверен другар, со кого другаруваме од најмала возраст. Бидејќи октомври е познат и како Месец на книгата, по тој повод, минатиот вторник, учениците од 4-3 одделение од ООУ „Никола Карев“ од Кочани, заедно со наставничките Љупка Стојменова и Кате Синадиновска, остварија онлајн средба со поетот за деца и возрасни Филип Димкоски.
Имено, учениците што го изучуваат изборниот предмет Анализирање и пишување поезија, на претходниот час ја анализираа книгата „Заедно да растеме“ од поетот Филип Димкоски. Тие беа воодушевени од прекрасните песни и мотивите што се инспирација за поетот, дознаа за карактеристиките и потеклото на различни овошја и зеленчуци, за кои изработија маски според песната што ја научија од книгата „Заедно да растеме“ и ја изрецитираа пред него. Преку прашања дознаа и за неговите поетски почетоци, инспирации за творење, неговите дела, омилени овошја и зеленчуци…
Димкоски, пак, им прочита дел од своите необјавени песни, а со дел од своите лични творби се претставија и учениците.
Му благодариме на поетот Филип Димкоски за интересната средба и се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да ни биде гостин и во нашето училиште – посакаа децата.