Со пригодна свеченост, минатиот вторник беше одбележан денот на погибијата на народниот херој Мирко Милески, чие име го носи општинското средно училиште во Кичево. Откако училишниот хор ја испеа македонската химна од училишниот хор, во присуство на претставниците на боречката организација, АРСМ и на училиштето што го носи името на патронот, пред бистата на „Мирко Милески“ во училишниот двор беа положени букети свежо цвеќе.

Една од ученичките од ова училиште прочита реферат за животот и делото на народниот херој, а пред присутните ученици, гости и професори, за постигнувањата на учениците од ова училиште зборуваше директорката Милка Спасеска. Таа нагласи дека во оваа образовна установа се школуваат близу 900 ученици, кои наставата ја следат на македонски и на турски наставен јазик, а резултатите остварени на многу натпреварувања се најдобра потврда дека во ОСУ„Мирко Милески“ добро се работи и дека овие резултати не се случајни.

– Нашето училиште е отворено за соработка со локалната заедница, но и со родителите на нашите ученици. Се трудиме да ги подобриме условите за успешно одвивање на воспитно- образовниот процес и преку соработка со повеќе институции и со бизнис-секторот. Минатата учебна година се издвоија неколку важни моменти, заедничка акција со АРСМ и општината, кога во училишниот двор засадивме 83 садници. Поставени се и 57 фотоволтажни панели со помош на Светска банка. Потпишан е меморандум за соработка со комисијата за хартии од вредност, при што ќе бидат организирани повеќе работилници од нивна страна, а завршен е проектот ЕРАЗМУС, кој се спроведуваше последните две години – рече директорката Спасеска.

Таа ги истакна и сите остварувања на учениците од ова училиште на републичките и регионалните натпревари. На свеченоста на вработените што заминаа во пензија и кои наполнија 25 година работа во ова училиште им беа доделени пригодни подароци.
Во училишниот хол беше отворена изложба на слики и графики изработени од средношколците од ова училиште, од кои некои беа и мали ремек-дела. Во културно-забавниот дел од ова одбележување беа вклучени младите игроорци од КУД „Бисер“, инструментални изведби имаа два оркестри што ги сочинуваат ученици од ова училиште, а во завршницата свој дел од програмата имаа младите што се присутни во забавната музика, додека две песни на пијано изведе и победничката на средношколскиот натпревар по пијано Ана Софрониеска.

За крај, волонтерите на Црвениот крст од нашиот град настанот го збогатија со демонстрација на давање прва помош на лица во незгода.