На свеченоста им беа врачени наградите на најуспешните млади ликовни уметници, кои ги освоија минатата година во: Чешка, Романија, Индија и во Португалија. Десетина од признанијата завршија во рацете на талентираната Ангела Каранфиловска

Никогаш просториите на детското ликовно студио „Кирил Методиј“ во Битола не беа исполнети со поголем број млади ликовни уметници и гости, како во саботата на 26 јануари. Се одбележуваа два родендена – денот на Детското студио, кога пред 38 години се формира „Малиот битолски Монмартр“ и роденденот на Тоше Проески.
На младите ликовни творци, членови на ова студио, им беа поделени и голем број признанија, кои минатата година ги освоија на многубројните конкурси и ликовни настапи во светот.

Иницијаторот и основач на „Малиот битолски Монмартр“, Коста Хаџи Антоновски, ги запали двете роденденски свеќи на тортата со логото на студиото, на која пишуваше: „Тоше има само ден на раѓање“.

Иако веќе 11 години Тоше веќе го нема, младите ликовни уметници од Битола, сѐ уште го негуваат споменот на него.

– Тоше Проески е незаборавена личност и неговиот лик останува во трајно сеќавање на децата, бидејќи сите гости што доаѓаат во Битола во месец мај да учествуваат на „Малиот битолски Монмартр“ и ликовниот карван, секогаш го посетуваат неговото вечно почивалиште и со солзи во очите го напуштаат Крушево. Ние и додека Тоше беше жив еден ден во Крушево сликавме на темата „Стара крушевска архитектура“, која како и архитектурата во Битола и во Охрид е вечна инспирација за младите ликовни уметници. Со своите цртежи младите уметници не само од Битола и од Македонија, туку и од голем број земји во светот, кои учествуваат на колонијата, ја оживуваат старата архитектура на Крушево – рече Коста Хаџи Антоновски, претседател на Детското ликовно студио и основач на „Малиот битолски Монмартр“.

Тој дополни дека Тоше бил често со членовите на студиото и им давал мотив на децата.

– Тој за нив беше и остана вечна инспирација. Беше силен поддржувач на младите ликовни творци, кои му се оддолжија со безброј ликовни портрети. Но откако тој трагично го загуби својот живот, Крушево и неговото вечно почивалиште се редовна дестинација на учесниците на колонијата – посочи Хаџи Антоновски.

Тоше со своите песни вечно ќе живее во срцата на децата од Детското ликовно студио. Но ќе живее и со своите пораки, испеани стихови, со своите хумани дела, со неговиот секогаш ведар дух и насмеан лик. Оттаму велат дека Тоше има само ден на раѓање.

Збогатена колекцијата на награди и признанија

Покрај одбележувањето на двата родендена им беа врачени и наградите на најуспешните млади ликовни уметници, кои ги освоија минатата година во Чешка, Романија, Индија и во Португалија.

– Овие награди се гордост на Детското ликовно студио, на децата, на нивните родители. Испраќаме колекции по разни метрополи, а оттаму добиваме гран при, златни, сребрени медали, специјални и други признанија. Тоа е голем успех. Во светот знаат дека Детското ликовно студио е бренд на Македонија. Се трудиме да им покажеме на децата, се школуваат тука бесплатно. Ни доаѓаат и членови од околните општини – рече Коста Хаџи Антоновски.

Десетина од наградите завршија во рацете на талентираната битолчанка Ангела Каранфиловска, која дефинитивно е најнаградуваниот член од Детското ликовно студио за минатата година. Таа на конкурс на Пиатра Неамт во Романија освои три награди, меѓу кои и наградата за ликовно достигнување на колонијата, а во Евора, Португалија доби две награди.

Еве ги имињата на сите наградени млади уметници:
Во Лидице Чешка, Андреа Коруновска и Ангела Филовска освоија почесни дипломи. Во градот Пиатра Неамт Романија, Ангела Каранфиловска освои гран при, а златни медали освоија Илина Георгиевска, Андреа Коруновска.
Дипломи за поединечно остварување освоија Леа Стерјева, Ана Марија Цветановска и Габриела Гацовска.
Во градот Хајдерабад, Индија награди од жирито добија Магдалена Филовска, Ангела Каранфиловска, Андреа Коруновска, а златни медали освоија Јана Ристевска и Ангела Каранфиловска.

Почесни дипломи им беа доделени на Магдалена Филовска, Елиза Хенту и Илина Георгиевска, а посебна диплома доби и ликовниот педагог и основач на Детското ликовно студио, Коста Хаџи Антоновски.

Во градот Евора, Португалија, златен медал освои Ангела Каранфиловска, сребрен медал Матеја Стевановска, а диплома за поединечно остварување добија Тамара Белеска, Теодора Јовчевска, Јана Ристевска, Ангела Филовска и Андреа Коруновска.
Детското ликовно студио учествуваше и на две детски меѓународни ликовни колонии и тоа во градот Пиатра Неамт во Романија, каде што Ангела Каранфиловска со менторката Елена Хаџи Антоновска освои три награди, и тоа награда за најдобар цртеж на денот, сребрен медал и награда за ликовното постигнување на колонијата.

Голем број изложби на младите уметници

Во 2018 година мошне активно беше и студиото, отворајќи на неколку изложби.
Изложба беше отворена по повод 8 Септември во Магзата во Битола, потоа во „Марко Цепенков“ во Прилеп, во националната библиотека „Доброљубов“ во Москва, која беше поставена и во академијата „Сергеј Андријаки“ и во детскиот ликовен центар „Неменски“, а во Битола беше поставена ликовна изложба со цртежите само на деца од Хонгконг Кина.

– Овие таленти се наше богатство и за поздравување е начинот на кој „Малиот битолски Монмартр“ го вреднува сето тоа. Ова е навистина нешто бесценето и претставува благослов за Битола. Ми претставува уживање да гледам низ годините како безброј деца се надградуваат, се афирмираат во признаени артисти. Уживам да гледам како безброј деца го живеат својот сон и им посакувам да го развиваат својот талент и во иднина – порача Тања Крнчева, претставничка на локалната самоуправа.