Ново е-издание на здружението „Стари поток“ од Кочани

„Калдрма од творештво за деца“

Здружението за култура, наука и општествени дејности „Стари поток“ од Кочани, по повод Светскиот ден на книгата и авторските права ја објави електронската книга „Калдрма од творештво за деца“ со песни и раскази за деца.

Своите дела, односно свои камчиња во калдрмата вградија авторите: Лила Арсова, Ленче Стојменова, Ленче Китанова, Славица Цветкова, Наташа Брезовска Богоевска, Љубинка Донева, Атанас Крлевски, Ружа Стојмилова, Јане Атанасов, Филип Димкоски, Снежана Паноска, Наде Ефремова, Славица Урумова Марковска, Гордана Угриновска, Мирјанка Р. Селчанец, Милица Паулус, Милка Накова, Анета Велковска, Благица Кузмановска, Ана Велјаноска, Вера Андон и Наум Попески од Македонија, Власта Н. Цениќ, Милоје Радовиќ и Жикица Димитриевиќ од Србија, Ана Багрјана од Украина, Димитар Никленов од Бугарија, Сретен Вујовиќ од Црна Гора и Сафета Осмичиќ од Холандија и Наде Ефремова од Германија.

Книгата е создадена по иницијатива на м-р Љупка Стојменова, професорка по македонски јазик и претседателка на здружението „Стари поток“, која повикот за авторите го огласи на втори април, Светскиот ден на литературата за деца, па до Светскиот ден на книгата истата таа се комплетира и се објави токму на 23 април.
– Предвечерие на 2 април. Време во невреме. Затворени училишта, библиотеки, откажани културни манифестации…

А требаше да се одржат многу. Па нели е 2 април – Меѓународен ден на книгата за деца. Се откажаа средби со писатели, промоции на книги, се откажаа литературни читања… А во вакво (не)време не
смеат да се заборават децата, нивната желба за читање, желбата да се нурнат во стиховите, во зборовите испреплетени со необичност, магија, фантазија, кои ќе ги понесат во светот на детските желби, мечти, соништа. Во вакви моменти магијата на зборот им е потребна не само на децата туку и на возрасните – пишува Стојменова во предговорот кон оваа книга.

Електронската книга засега се распространува преку социјалните мрежи, а доколку се создадат услови се планира и нејзина печатена верзија.
За читателите на „Колибри“ ексклузивно објавуваме еден расказ од книгата „Калдрма од творештво за деца“ напишан од украинската писателка Ана Багрјана.

Книгата можете да ја прочитате на следниот линк: //www.dropbox.com/s/g6sdd22scnb0b2p/KALDRMA.pdf?dl=0&fbclid=IwAR0_Ykpj6g2OqlrdETCkw_hvXKN_W1fHRmJD4ZmpL5xlM7O71hIrefJn5RI


Слатка недостижност

Бабата Олга и дедото Василиј живееја во една малечка селска куќичка, среде живописната природа, далеку од шумниот град. Секое лето кај нив на гости доаѓаше нивната внучка Галинка. Тогаш нивниот двор беше исполнет со ѕвонлива детска смеа и со илјада „зошто?“ Зошто доматите поцрвенуваат, а краставиците остануваат зелени? Зошто компирите растат во земјата, а оревите на дрвјата? Зошто кокошките имаат крилја, а не летаат? Секоја година Галинка стануваше сè пољубопитна. Бабата и дедото веќе не успеваа да ѝ одговорат на нејзините прашања.

Во нивниот двор растеше една многу висока стара круша, која личеше на чудовиште од приказните што ги беше кренало своите чудни раце кон небото. При секое дување на ветрот гранките на крушата крцкаа, што потсетуваше на јачење на стар човек. Таа година, првпат од својот долг живот, крушата не даде род. Освен еден единствен плод, кој зрееше високо, високо, на самиот врв од дрвото. Плодот од ден на ден стануваше сè поголем, добивајќи златеста боја, која потоа почна да се залева со сочно примамливо руменило. Кога летото веќе беше при крај, крушата на дрвото стана толку голема и сочна, така што на човек почнуваа да му течат лиги штом ќе погледнеше во неа.

Еден ден Галина го праша дедо си дали може да ја скине крушата од дрвото, бидејќи навистина многу сака да го проба тој волшебен плод. Дедо ѝ погледна нагоре и само беспомошно ги рашири рацете: – За жал, јас немам толку висока скала што може да досегне до врвот на дрвото. Ниту со стап нема да можам да ја турнам. Ќе мора да причекаме додека не падне сама на земјата. Очите на девојчето светнаа од новата надеж. – А кога ќе падне? – праша. – Не знам – одговори дедото. – Кога конечно ќе созрее. Можеби утре, а можеби по неколку дена. Галинка реши дека не смее да го пропушти тој важен момент.

Секое утро таа изнесуваше од куќата малечко столче, го местеше речиси под самото дрво и со кренат поглед, стрпливо чекаше. Таа најмногу од сè се плашеше дека плодот ќе падне токму тогаш кога таа нема да биде таму. Па затоа бабата ѝ го изнесуваше јадењето на својата внучка надвор. Девојчето престана да излегува на улицата и да си игра со децата од соседството. Кога тие ќе ја повикаа да им се придружи, одговараше дека има неодложна работа, па затоа засега не може да им се придружи. Еднаш бабата Олја од пазарот купи цела кошница сочни круши за својата внучка, но девојчето дури не ги ни погледна. Тоа рече дека сака само една единствена круша – крушата од нивното дрво. Најголемиот проблем за бабата и дедото беше да ја сместат својата внучка во кревет. Секоја вечер, кога улицата ќе потонеше во мрак, а во прозорците од куќите се палеа и гаснеа светилките, во очите на Галинка се појавуваа солзи. – А што ако крушата падне ноќеска, додека јас спијам?

Таа неколку пати дури и заспиваше на столчето, а потоа дедото тивко, на раце ја носеше во куќата и ја легнуваше во креветот. Но крушата не паѓаше. Една вечер започна страшна бура – со огнена молња и многу гласен заглушувачки гром. Галинка се исплаши и, грабнувајќи го столчето, набрзина побегна во куќата. Некаде во утринските часови бурата стивна. Сонцето повторно заблеска на небото. Девојчето се разбуди и веднаш истрча надвор. Како и секогаш, погледна нагоре, кон највисоката гранка на дрвото и… се стаписа: крушата не беше на гранката. Почна вознемирено да ја бара долу, под дрвото. Но наместо посакуваниот убав плод, тоа на земјата здогледа само една бело-жолта смеса, која личеше на каша.

Разочарано ја допре со прстот и заплака. Во тоа време од куќата излезе дедото Василиј. Тој се доближи до внучката и наведнувајќи се над неа, тивко рече: – Така е најчесто во животот. Она што не можеме одблиску да го видиме, станува наша мечта. Недостижното секогаш ни изгледа послатко, поубаво. Но еден ден доаѓа бура, и мечтата се распрснува. – Зошто? – липајќи праша Галина. – Зошто е така? И не чекајќи одговор, погледна кон врвот на дрвото. За момент ѝ се пристори дека наместо крушата сега сонцето виси таму. Тркалезно, големо, златноцрвеникаво, слично на сочното егзотично овошје. Топлите зраци ги заскокоткаа нејзините обравчиња и од нив набрзина ги збришаа солзите на очај. Таа есен, дедото Василиј во дворот посади нова круша.

Авторка: Aна Багрјана
Превод од украински на македонски: Ленче Тосева