Здрави да ми раснете

Ѕунат, ѕунат снегулки
– сегде покрив бел…
Дење ноќе патувам,
минам светов цел.

Носам вреќа играчки,
љубов, нежност, цвет,
Здрави да ми раснете,
деца од цел свет!

Подајте си рачиња
– оро вито в час!
Дружно да запееме
– радост, весел глас:
– Дедо Мраз, Дедо Мраз,
дојде Дедо Мраз!

Бистрица Миркуловска

 

Првиот снег

Дојде, дојде зима,
на волшебни крила,
под покривач бел е
природата мила.

Децата се веќе
на белиот брег,
се возат со санки
на првиот снег.

Само едно врапче
на покривот сив,
цел ден бара храна,
прави џив-џив-џив….
Наум Попески
Бадник

Бркотница голема:
Дедо вршник спрема,
баба лепче меси,
мама софра клава,
Бадник ќе се слави!

И оваа година
сите бевме збрани,
оган тато запали
на белиот снег –
исто како лани!

Таму на ден Божиќ
Христос се роди,
спасителот човечки.
Од тогаш до денеска
уште тој не води.

Стојан Арсиќ

Новогодишни радости

Дали полноќ веќе ѕвони?
Од радост ли лае Шарко?
Пакетчиња и балони
носат Симе, Весна, Марко!

Пред прозорец Борко стои –
веќе згрме, веќе лета,
светна првата ракета
– каков празник, колку бои!

Ечат песни, врева, свирка:
годината Нова стаса
Дедо Мраз се чуди, ѕирка –
сите деца среќни да се.

Даруваме песна вечна,
љубов, радост да не греат,
годината да е среќна
и срцата да ни пеат…

Томе Арсовски

Ова е приказна нова

Ова е приказна нова…
Татко ми санка ми скова,
мајка ми шалче ми сплете
– сега сум најсреќно дете!
Погледот сегде ме води,
желбите радост ги плоди,
во мене смеа се вири
срцето расте, се шири!

Ова е приказна нова…
Татко ми санка ми скова,
со неа јурам низ снегот
и сам се спуштам по брегот.

Ова е приказна нова…

Стојан Тарапуза