Долгогодишната новинарка и уредничка во македонската редакција на Би-би-си во Лондон, Жанета Скрелев, која има битолско потекло, обезбеди вредна донација за подрачното училиште „Д-р Трифун Пановски“ во битолското село Трново. Имено, наместо роденденски подароци, таа им порача на своите пријатели да донираат средства за училиштето. Донацијата ја собра во рекордно време од нашинци во странство. Со собраните средства купија дидактички материјали и други наставни средства, кои деновиве стигнаа во училиштето на радост на единаесетте ученици и наставничката Ленче Илиевска.

Таа лани обезбеди компјутер и глобус за училиштето во Трново, годинава средства за дидактички материјали, а налето и технички апарати. Во ова подрачно училиште донирале и други лица.

Родители на ученици од одделението ја варосале училницата, а наредиле и плочки во училиштето. Потоа, со донација на битолчанецот Пеце Талевски од продукцијата ОХО, во канцеларијата и во двете училници се стави ламинат, холот се прекри со плочки, се уреди тоалетот и се постави нова дограма. Наедно, средствата од билетите од детскиот мјузикл „Песноден“ се собрани на посебна жиро-сметка и Талевски ќе ги намени за средување на фасадата и училишниот двор. Друга битолска фирма за учениците обезбеди училишни чанти и прибор за цела година, нашинец од Австралија купи училиштен мебел, а писателката Гордана Такец донира детска литература за училишната библиотека.