Под наслов „Девојчето и градот“ се очекува деновиве да биде објавена најновата сликовница на уметникот Ване Костуранов, во издание на „Арс ламина“. Авторот посочува дека во неа станува збор за едно девојче што живее во еден сивкав град, во кој веќе одамна не доаѓаат сонцето, птиците, пеперутките…
– Еден ден, талкајќи по улиците полни со луѓе, девојчето ќе се изгуби и сосема неочекувано ќе се најде пред една огромна шума, во која ќе открие работи што ќе му го променат животот од корен – вели авторот.

Ване Костуранов е автор и на сликовниците „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“, кои се добитници на први награди за најдобро ликовно-графички уредено издание, на Саемот на книгата во Скопје во 2018 и 2019 година. „Девојче и мече“ беше и на престижната листа „Белите гаврани“ (The White Ravens) во 2019 година, селектирана од Интернационалната библиотека за млади во Минхен (International Youth Library).