Фото: Игор Бансколиев

Пасијата на Филип со весниците почна уште од неговата најмала возраст, а сега секој ден мора да има весник, односно навечер ги купуваме утрешните броеви на „Нова Македонија“, за што се ангажирани и баба и дедо, чиче и вујче, а понекогаш и соседите, велат Игор и Ангела, родителите на Филип (19)

Весникот „Нова Македонија“ е секојдневен гостин во семејството Трпевски, кое живее во населбата Драчево, Скопје.
И додека таткото Игор најмногу се интересира за економските вести и информации, разбирливо, бидејќи работи во Царинската управа, каде што е шеф на служба, мајката Ангела сака да прочита што има ново во скопската рубрика, но ја интересираат и страниците за култура и забава. Ќерката Ивана (16), пак, најмногу следи спорт, бидејќи тоа е нејзина голема љубов, а синот Филип (19) чита сѐ, но најмногу го интересираат прилозите на „Нова Македонија“.

Всушност, тој пасионирано ги собира сите броеви на нашиот весник, а во домот на ова семејство веќе нема место каде да се чуваат.
Иако Филип е момче со лесна психичка попреченост, а освен тоа боледува и од епилепсија, во неговиот свет значајно место има секој број на нашето гласило.
– Пасијата на Филип со весниците почна уште од неговата најмала возраст, а сега секој ден мора да има весник, односно навечер ги купуваме утрешните броеви, за што се ангажирани и баба и дедо, чиче и вујче, а понекогаш и соседите. Кога бевме на одмор во Грција, исто така мораше да се купуваат весници. Тој не легнува додека не го добие својот примерок на „Нова Македонија“, а никако не може да му се подметне, ги знае сите броеви што се изминати. Има фотографска меморија, уште како мал знаеше многу марки на автомобили, потоа сам научи да се служи со интернет, а има и свој профил на социјалната мрежа Фејсбук. Има малку проблеми со моториката, но на крајот успева да го направи она што го замислил. Посебно го привлекуваат рекламите, крстозборите, најчесто наглас ни чита спортски вести, нѐ информира за некои натпревари, а го интересира она што се објавува во рамките на црна хроника – ни рекоа мајката Ангела и таткото Игор.

Тие дополнија дека се задоволни поради тоа што, со оглед на околностите, Филип е доста самостоен и знае сам да направи многу работи.
– Филип е многу самостоен. Сам јаде и се бања, сам се облекува, си ја мести собата, оди да фрли ѓубре, му носи јадење на кучето, а ги храни и рибите во аквариумот. Навистина е функционален и вреден, но, секако, ние сме тука да му помогнеме во сѐ. Сестра му Ивана му е прва помош, десна рака за сѐ што треба, а тој многу ја сака и сѐ што ќе му купиме нему, бара да ѝ купиме и нејзе – вели Ангела Трпевска.
Хуманоста на Ивана, која учи во Средното фискултурно училиште во Скопје, е доказ дека ваквите случаи, кога сите членови на семејството се грижат за еден свој болен член, ги облагородуваат луѓето и ги јакнат врските во семејството.

– Откако ќе ги завршам училишните обврски, волонтирам во Црвениот крст, бидејќи сакам да им помагам на луѓето. Инаку, го обожавам спортот, а особено фудбалот, и три години тренирав во два клуба. Мои идоли се Меси и спортистката Андонова, која ја запознав кога дојде на еден наш тренинг. Семејно навиваме за клубот Металург, кој многу го сака и Филип и секогаш нѐ известува кога има некој натпревар на телевизија. Сите го гледаме облечени во маичките со логото на клубот, вооружени со знаменца и во нашиот дом тогаш е вистинска навивачка атмосфера. Понекогаш одиме и да ги гледаме натпреварите во живо, во што сите уживаме – открива Ивана.
Мајка ѝ Ангела ни рече дека и таа е голема љубителка на спортот и оти повеќе од 10 години тренирала ракомет.

Иако Филип е момче со лесна психичка попреченост, а освен тоа боледува и од епилепсија, во неговиот свет значајно место има секој број на нашето гласило

– Што се однесува до спортските активности на Филип, го носиме на пливање, иако ни е далеку. Но кога станува збор за неговото образование, ништо не ни е тешко. Јас работам во Катастарот, со скратено работно време, па секојдневно го носам и во дневниот центар за лица со посебни потреби „Ластовичка“, каде што има повеќе начини за анимација на овие деца и млади луѓе, а се одржуваат и разни креативни работилници – вели таа.
Ангела Трпевска, сепак, не е сосема задоволна од ангажманите и напорите на општеството за грижата за лицата со посебни потреби. Таа ни рече дека добива месечна помош од Министерството за труд и социјала што одвај ги покрива трошоците за лековите што ги пие Филип.

– Треба уште многу да се стори во оваа насока, пред сѐ на полето на инклузијата на лицата со попреченост. Моето искуство со Филип е многу тешко, но, ете, успеавме тој да заврши и основно и средно училиште, иако тоа од мене, од сопругот и од ќерката Ивана бараше многу жртви и откажувања. Еве, ќе кажам само мал дел. Кога мојот син одеше во градинка, јас волонтирав во истата таа, само за да бидам во негова близина и да му помагам, да не биде повреден и изолиран. Иако живееме во Драчево, Филип заврши основно во училиште во Влае, во „Димо Хаџи Димов“, бидејќи во 11 други училишта не го примаа да посетува настава. Кога одеше во средното специјално училиште „Наум Охридски“ условите беа многу лоши, иако беа само пет деца во одделение. Верувам дека тоа ќе се подобри за наредните генерации – посочи Ангела.
Таа ни рече и дека неодамна Филип се обидел малку да поработи во заштитната печатница „Арт принт“ во Скопје, каде што 40 отсто се вработени лица со посебни потреби.

– Ова беше едно ново искуство за Филип, а и тој и сите ние посакуваме наскоро повторно да добие можност за работа или да биде дел од некој проект и, соодветно на неговите способности и можности, да се почувствува како корисен член на општеството – велат членовите на семејството Трпевски, кое, и покрај тешкотиите со кои се соочува, прави сѐ за да му го олесни животот на својот син и брат Филип.