Освен во Македонија, Гоце се натпреварувал и во Бугарија, Србија, Словенија, Италија… Неодамна на музички натпревар по пијано во Софија освоил прво место, кое го делел со 18-годишник

Гоце Златев е талентиран млад пијанист од Свети Николе. Има само 12 години, поточно на 23 март ќе полни 13, успесите што ги постигнува и амбициите што ги има како да се на некој двојно постар од него.
Досега ја претставувал Македонија во многу земји во светот, а свири од трето одделение.
Иако во неговото родно Свети Николе нема музичко училиште, со огромна поддршка од семејството Гоце доби шанса да го реализира својот талент. Вели дека бил инспириран од неговиот татко Љупче Златев, кој исто така се занимава со музика.

Ученик е во шесто одделение во ООУ „Кирил и Методиј“ во Свети Николе, а паралелно го посетувал и нижото музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, а од неодамна оди на часови во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на професорката Славица Мицовска.

Омилен композитор му е Моцарт, а најсреќен е кога се враќа дома со награди, најчесто освоени први места. Освен во Македонија, се натпреварувал и во Бугарија, Србија, Словенија, Италија… Неодамна во Софија, Бугарија, на музички натпревар по пијано освоил прво место, што го делел со 18-годишник.

Минатото лето освоил награда на фестивалот „Охридски бисери“ и прво место во Русе, Бугарија, во октомври. Лауреат е на фондацијата „Томислав Зографски“.
Еве како Гоце се сеќава на своите почетоци.

– Во учебната 2013/2014 година се запишав во нижото музичко училиште ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Прво посетував часови по солфеж со елементарна теорија на музика и хор, а следната година мој ментор стана професор Гоце Костадинов. По три месеци првпат настапив на новогодишниот концерт на училиштето со менует во Ге-дур од Ј.С.Бах. На крајот на учебната година учествував на општинскиот, регионалниот и државниот натпревар по пијано каде што ги освоив првите места. Исто така, на Меѓународниот натпревар во Врање, Србија, бев прв, а успехот го повторив и во Гевгелија. На крајот на учебната година имав јавен час и учествував на годишниот концерт со целата класа пијанисти од училиштето – вели младиот пијанист од Свети Николе.

На музичката вечер одржана во февруари 2016 година во Свети Николе музичарите од градот му доделиле плакета и признание за најмлад надежен пијанист. Драго му е што има поддршка и од локалната самоуправа, а настапил и на прославата на Денот на ослободувањето на Свети Николе.

– Се пријавив на интернационалниот натпревар по пијано во учебната 2016 година во Тревизо, Италија, во конкуренција на учесници од повеќе земји: Италија, Германија, Полска, Словенија и Хрватска, и освоив четврто место. Потоа следуваат успеси на општински и републички натпревари, и повторно прво место на меѓународниот натпревар во Гевгелија.

Бев дел и од интернационалниот натпревар „Даворин Јенко“ во Белград и натпреварот „Стеван Мокрањац“ во Врање, Србија, каде што го освоив првото место со 100 поени. Успехот го повторив и во Радлје во Словенија, исто така со освоени максимални бодови. Кон крајот на 2017 година учествував на меѓународниот фестивал „Охрид те сакам“ и освоив специјална награда, а бев прогласен за лауреат и на натпреварот „Сирмиум“ – ни кажа Гоце.

Но, до крајот на годинава го чека голем предизвик, настап во Париз.
– Лани во Софија, Бугарија, ја освоив наградата најголем виртуоз и ме побараа за една година да одржам самостоен концерт во Париз. Тоа за мене е голем предизвик и остварување на моите соништа. Се надевам дека со многу вежбање и посветеност ќе ја совладам и таа пречка – ни рече амбициозниот Гоце Златев.