На фестивалот ќе настапат гости од Софија, Тузла, Призрен, Јагодина, Белград, Сараево, Охрид, Битола, Струмица, Ново Село и од Скопје

Вратите на македонскиот народен театар и годинава се отворени за талентирани актери од целиот регион, кои се дел од јубилејното, петто издание на меѓународниот драмски фестивал за лица со и без хендикеп „Игри без маска“ – театар без дискриминација“.

Тридневниот фестивал почнува денеска, претставите се одржуваат на малата и на големата сцена на МНТ, а свеченото врачувањето на наградите ќе се случи в четврток напладне.

Оваа манифестација сѐ уште е единствена од ваков вид на Балканот и на вистински начин на сите што како учесници, организатори или гледачи се дел од неа им ја пренесува пораката дека нема пречки за креативноста и за хуманоста.
Организаторот на фестивалот, здружението „Различни а еднакви“, повеќе од 12 години го поттикнува правото на лицата со хендикеп да бидат вклучени во културни настани, а петти пат го организира овој театарски фестивал, чија главна цел е инклузијата на лицата со попреченост во општеството.

Главниот виновник за одржувањето на „Игри без маска“ е Гордана Момировска, извршна директорка на фестивалот, која на целиот овој проект гледа како на мисија, преку која усреќува многу луѓе и им покажува дека со поинаков пристап кон работите и навидум невозможните проекти, можат да се реализираат, па и да станат традиција и репер во регионот.

Театарските претстави ги играат аматерски групи од земјава и од странство, чии актери се лица со и без хендикеп, а водителска двојка се Ирена Спировска и Татјана Стојановска. Годинава ќе настапат гости од Софија, Тузла, Призрен, Јагодина, Белград, Сараево, Скопје, Охрид, Битола, Струмица и од Ново Село.
Фестивалот ќе го отворат членовите на здружението за помош на луѓе со попреченост од Белград „Да живееме заедно“ од општината Стари Град, со претставата „Свет“ на Бранислав Нушиќ.

По двата фестивалски дена, утре напладне, во 12 часот ќе ја проследиме програмата „Малата принцеза и пријателите“, сценски приказ со сите учесници на фестивалот, по што на најдобрите претстави и актери ќе им бидат врачени и награди.

Петтото издание на фестивалот ќе заврши со промоција на видеозаписот за роденденската песна „Љубовта ја шириме“, посветена на петгодишното меѓународно фестивалско дружење во Скопје, што хуманитарно ја испеаја и ја поддржаа наши актерски и музички ѕвезди: Тања Кочовска, Дејан Лилиќ, Снежана К. Руси, Бени Шакири, Дарио Панковски, Ристо Самарџиев, Зоран Џорлев, Благоја Груевски, Адријана Алачки, Огнен Здравковски, Игор Митковски, Боби Спасенцовски, како и водителките Ирена Спировска и Татјана Стојановска. 

Мак-естрадата дел од спотот за химната „Љубовта ја шириме“