Учениците од основното училиште „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, кои посетуваат настава по предметот Македонски јазик, еднаш неделно имаат блок-час на кој учат за македонските симболи и знаменитости, се запознаваат со културата и историјата, читаат и рецитираат поезија од македонските автори и преку разни работилници, вежби и гостувања учат за Македонија, а по часовите среќни си одат дома, вели Снежана Алексиќ-Станојловиќ

ПРИЈАТЕЛИ НА ДЕЦАТА: Снежана Алексиќ-Станојловиќ, наставничка по македонски јазик во Нови Сад, Србија

Сите добри и вистински учители знаат дека учителот е учител седум дена во неделата, дваесет и четири часа дневно, триста шеесет и пет дена во годината, цел живот… Со една таква личност, учителка од глава до петици, од Србија, разговаравме додека престојуваше по Македонија, по еден многу убав повод.
Станува збор за наставничката Снежана Алексиќ Станојловиќ, магистерка по одделенска настава во Нови Сад, Србија, која беше активна учесничка на Форумот за наставници што реализираат настава по македонски/албански јазик надвор од границите на нашата татковина Македонија, а беше организиран од Агенцијата за иселеништво.
Форумот се одржа од 19 до 21 јули, во Конгресниот центар во Охрид, а учествуваа дванаесетте просветни работници од дијаспората: Ана Смилевска од Германија, Ирена Павловска од Австралија, Лилјана Лазареска од Србија, Снежана Алексиќ Станојловиќ од Србија, Бисера Филиповски од Германија, Деспина Велинска од Хрватска, Мирјана Стојчевска од Австралија, Ана Тимовска од Швајцарија, Невзат Ибиши и Сабри Ибиши од Данска и Фатмир Шабани од Норвешка.

– Во текот на првиот ден наставниците имаа излагања за состојбата на наставата по мајчин јазик во дијаспората, за позитивните страни, за недостатоците и тешкотиите, во присуство на директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов, како и на претставници од Министерството за образование и од Бирото за развој на образованието – ни рече Снежана.
Таа одржа предавање на тема „Реализација на наставата и структурата на часот по предметот Македонски јазик, со елементи на националната култура во ОУ ’Вељко Влаховиќ’ во Нови Сад, Република Србија“.
– Овој форум ја разбуди креативноста од која ќе се родат некои нови идеи и некои нови познанства, затоа што потребата за соработка е неопходна. Подобро е и поубаво кога ќе осознаеш дека не си сам. Така товарот полесно се носи на плеќите – вели наставничката Алексиќ Станојловиќ, која веќе две години реализира настава по македонски јазик во Нови Сад.

Наставничката Алексиќ Станојловиќ полна со воодушевување и радост искоментира за огромната љубов кон Македонија, од која произлегуваат нејзините многубројни активности поврзани со ширење на македонскиот јазик, литература, култура и уметност.
– Македонија ја носам во моето срце, затоа што срцето на мојата баба Илинка чукало во ритамот на југот. Ја носам и јас во моето срце, затоа што под нејзиното небо се развивав и се градев во личност на поетеса, личност на учителка, во личност каква што сум сега. Со години на моите ученици им раскажував, им пеев и им читав за Македонија. Организирав едукативно-креативни работилници на релацијата Србија – Македонија: гостувања и афирмација на македонските книжевници и уметници во Нови Сад, остварував пријателска соработка со училиштата „Кирил и Методиј“ во с. Кучевиште, Скопје, „Братство-единство“ во селото Сушица, „Светозар Марковиќ“ во селото Старо Нагоричане, Куманово, каде што наставата се реализира на македонски и на српски јазик, а од оваа година и во училиштето „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп.

Потоа ги анимирав учениците да се допишуваат и да разменуваат подароци со учениците од Македонија, а јас лично ги разнесував од Србија во Македонија и обратно, реализирав часови на српски јазик во Македонија и часови на македонски јазик во Србија, воспоставував стручна соработка и размена на искуства од „добра практика“ со наставничките од Македонија. Наоѓајќи разни начини се обидував својата љубов да ја простирам што пошироко и што подалеку… – вели таа.

Во нејзиното училиште интересот за македонски јазик постојано расте, затоа што таа на многу инвентивен начин се труди да го доближи до учениците во наставата.
Учениците еднаш неделно имаат блок-час по македонски јазик, на кој учат за македонските симболи и знаменитости, се запознаваат со културата и историјата, читаат и рецитираат поезија од македонските автори и преку разни работилници, вежби и гостувања учат за Македонија, а по часовите среќни си одат дома.

– Во двете учебни години откако се реализира наставата на македонски јазик во училиштето во кое работам, се трудам во секое полугодие на часовите да донесам некој гостин-поет од Македонија и со него да реализираме поетско-едукативна работилница. Тие средби се посебни доживувања за учениците. Со младиот поет Филип Димкоски нашите средби и тематски работилници веќе станаа традиција и оваа година на крајот од тематскиот ден со поетот, во училишниот двор, засадивме липа, дрво на македонско-српското пријателство. Учениците од прво одделение тоа дрво го нарекуваат „наше дрво“ и го чуваат со сето срце. Минатата година првпат реализиравме директно вклучување од Македонија и онлајн-час со поетесата Вера Андон – открива Снежана.

Оваа вредна наставничка е и одделенска наставничка во наставата по српски јазик, а освен мајка, учителка и сопруга, таа е и поетеса, авторка на книги на македонски и на српски јазик, но и преведувачка, рецензентка и литературна критичарка. А, како што вели, формула за да се успее, сѐ да се заврши и секаде да се биде успешен, за неа е – љубовта.