ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (28)

Кромидот е еден од најстарите зеленчуци познати на човештвото. Тој се употребува како додаток или зачин во различни рецепти речиси во сите светски култури. Може да се најде во свежа, замрзната, конзервирана и дехидрирана состојба, како и во прав. Овој зеленчук може да се користи речиси во секој вид храна, и тоа пржена или во салати, но и како зачин. И едноставно ниедна манџа не ја бидува без кромид!

Ваш Филип Димкоски


ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (28)

За кромид ви зборувам,
оној што кога го дробиме,
очите ни солзат, но
ќе му го простиме тоа
оти од него имаме полза.

Апетитот го подобрува,
спиењето исто така,
расположени сме
и секогаш здрави,
а ниедна манџа
без кромид не се прави.
Во старо време жените,
од лушпите кромидови
боја добивале
со неа јајца вапсувале и
предиво бојадисувале.
И стара главица се јаде
и како младо кромитче.
На овој јужноазиски зеленчук
браќа му се праз и лук.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.