Дрвото од кајсијата не е многу големо, но затоа пак ги дава највкусните плодови со боја на сонцето, кои ја развеселуваат овошната градина, но и нѐ засладуваат во лето. Многу долго се одгледуваат во Ерменија, па постои верување дека потекнуваат оттаму. Таа претпоставка потекнува и од латинското име на кајсијата што во превод значи ерменска слива. Се смета дека во Европа кајсиите ги донел ни помалку ни повеќе туку Александар Македонски. Плодовите од кајсиите штом ќе созреат се користат свежи, потоа за правење сокови, џемови, мармалади и компоти, а исто така можат да се исушат и да се користат и в зима. Особено е интересно што се користи и семката од кајсијата. Семките можат да се јадат како апетисани или од нив да се произведе масло, кое е многу корисно поради лековитите својства. Kajсите позитивно влијаат на работата на цревата, ја хидрираат кожата и го чуваат здравјето на коските. А сега со песна ве повикувам да јадете кајсии додека ги има. На здравје! Ваш Филип Димкоски.


Кајсија

Дај ми ја ваму, овошката дај си ја,
три пиперки давам за една кајсија,
портокаловата боја, а и вкусот привлекуваат
овие тркалезни плодови многу нахрануваат.

Меѓу Русија и Кина преминале граница,
па сега за кајсиите нема застанувачка станица
во камиони и бродови шетаат низ светот, ете,
да го насладат и израдуваат секое дете.

На племето Хунзи кајсиите им се главна храна,
затоа таму сите баби, дедовци и други роднини
живеат дури по сто и дваесет години.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.