ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (18)

Конечно и ова лето ги донесе летните денови со повисоки температури, а верувам дека за сите деца тоа значи радост заради поголемиот ден, заради водните лудории, чистото светлосино небо… Но ваквото време бара и внесување повеќе течности во организмот.
Цвеклото е растение што може многу да ни се најде за правење вкусни џусови и кашести сокови речиси во секој период од годината. Цвеклото припаѓа на фамилијата на лободите. Содржи масти, јаглехидрати, белковини и минерали, како и витамин Б12. Најмногу им се препорачува на слабокрвните луѓе и на децата, но корисно е за секого. И ако се сетиме на онаа мисла што останала од памтивек дека добрата храна е и храна и лек, тоа целосно важи за цвеклото. Има многу лековити својства затоа што го стабилизира притисокот, корисно е и за цревата и за желудникот и има уште голем број позитивни карактеристики. На здравје!
Ваш Филип Димкоски


Цвекло

Се јаде коренот што личи на топка,
а листовите му ги јадеме ретко.
Корисен зеленчук е многу,
неговото величество – цвекло.

И свежо и кисело се јаде,
а јас му го сакам оној вкус,
кога со морков и јаболко,
цвеклото се меша во џус.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.