Нови книги: „Чукни, чукни трипати“ на Васил Мукаетов

Васил Мукаетов, познатиот македонски писател за деца, во неделата го одбележи својот јубилеен 80-ти роденден. Неуморен и плоден како и досега, тој го одбележи овој важен датум со издавањето на својата 20-та книга за најмладите читатели. Тоа е „Чукни, чукни трипати“, што ја издаде „Либи“, дел од „Арс ламина публикации“ од Скопје.
И ние ќе чукнеме трипати во дрво и на Васил Мукаетов ќе му посакаме добро здравје и да не го напуштаат ентузијазмот и желбата за пишување и во иднина, пред сѐ за децата, и бројката на негови издадени дела да биде уште поголема.
Но што ни понуди овој пат авторот Мукаетов? И во најновото дело тој го задржува својот препознатлив стил, да се движи во денешното, урбано секојдневие на современите деца, да го употребува разговорниот јазик за да ја долови автентичноста и сето она што го знаат сегашните момчиња и девојчиња.
– За моето најново дело, книгата „Чукни, чукни трипати“, имав доволно време да се посветам, како и за сите дваесетина што досега се напишани. Безброј пати ја проверив, исправив, дополнив, како што во една пригода ми рече, познатиот писател Глигор Поповски: „Секогаш може и подобро и со повеќе труд“. Драго ми е што новата книга излезе на почетокот на летниот распуст. Пишував со амбиција слободното време основците од второ до четврто одделение да го поминат во ведро сеќавање на секојдневието. А тоа кај децата е секогаш динамично, ведро, љубопитно – вели Васил Мукаетов.
„Чукни во дрво“ – ќе чуеш често. На прво место возрасните кога очекуваат желбите да им се исполнуваат. „Чук, чук. Чук…“ ќе чуеш милозвучен звук, возвраќа и популарната песна.
За децата работата лесна: најнапред научуваат, па во дрво чукнуваат. „Чук, чук, чук и од мојот внук. Нека се случува, песнава и да поучува“ – ќе рече писателот во песната, по која целата збирка го доби името.
Книгата е поделена во неколку дела, сите со интересни наслови. „Сѐ да се стори, да се решат домашни крстозбори“, „Време има за сѐ, не сокривај се зад не!“, „Чуено, поткажано. Нешо видено, нешто раскажано, од незавршените фрки и малите збрки“ и „Некои необични дела од нашите градови и села“.
Така ќе дознаеме, на пример, како тоа Крива Паланка е крива, во Штип дали се штипнува, која вода го донела Македонски Брод, што берат во Берово…? Во циклусот „Прошетано и видено“, децата ќе прочитаат кој пат води во Мариово и ќе дознаат дали од Долнени до Лозово сѐ е розово, каде е дома пронајден Северниот Пол, што се случува со мачорот кому му врзаа ѕвонче…?
Но да не ви откриваме сѐ, ви предлагаме сами да ја откриете магијата на овие ведри стихови, со кои полесно и поубаво се расте.
А Васил Мукаетов ни ова лето нема да мирува и да седи под сенка. Тој ни откри што ќе се случува во неговата креативна работилница.
– Наскоро ќе излезе од печат осмиот том, со избор од моите творби излезени во списанијата за деца, каде што се наоѓаат и комплетите на „Титов пионер“ од 1950-1953 година, што го издаваше „Детска радост“, како и песните и текстовите објавувани во „Колибри“ – „Нова Македонија“ – ни откри Мукаетов.
Само да потсетиме дека неодамна во издание на „Арс ламина“, а во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од смртта на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков, беше отпечатена неговата книга со стихувани поговорки и гатанки: „Од згода до згода, заграб бистра вода“, како и творбата посветена на омилениот лик на децата Итар Пејо со наслов „Мариовски сказни, Пејови приказни“, што ја напиша за време на пандемијата.


Три детски педи

Се мери со метар,
до сантиметар,
до милиметар.

Со што уште се мери?
Познати правила светски
и со педи детски!

Сите пет прсти издолжени
мерки продолжени.
Па се гледа – продолжена детска педа.

Се мери со педи
и кога накриво се седи.
Скокале, со залет
од место.
Расправии – најчесто.
Не се признава – инает
се тера,
педата – најблиска мера.

Играле топка,
некој ставил сопка.
Лесно не минал,
тексасот го скинал.

Колку? Се гледа.
На самото место
– раззината педа.


Да се биде дете

Којзнае колку писатели,
психолози, педагози,
рекле и напишале:
Децата се украс на светот!
Детето ти е нешто
како птица во лет.

И работата јасна,
прават сѐ,
побрзо да растат.

Дали затоа
пишуваат, убедуваат,
и често повторуваат
повик сетен:
– Немало возрасен човек
што не посакал да биде дете!

Па, ти сега види,
на која страна ќе бидеш?


Сонце

Каква вселенска моќ
одлучува
кога е ден, кога е ноќ.
Кога ќе се скрие,
светот знае – се спие.

Потсетено,
само во неколку црти:
– Околу него земјата се врти.
А јас?
И кога играм и кога пладнувам,
мојата сенка ја командувам.

Каде јас – таа со мене.
Дење, во кое било време.

Само некое облаче
што здодевно дреме,
може да ми ја земе.
Работата е тенка.
Без сонце нема ни сенка

(Од книгата „Чукни, чукни трипати“ на Васил Мукаетов)