Реализиран едукативен проект во ООУ „Ј.А. Коменски“ во Скопје

„Стоп за насилство – започни пријателство“ е името на едукативниот проект реализиран во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје. Поточно, овој прекрасен проект во нашето училиште го направи психологот Елизабета Ивановиќ во соработка со ПДАС „Меѓаши“, како и со вработените наставници од ова училиште. Сите неуморно работеа на многуте активности: ликовен и литературен конкурс, изложби, претстави и слично. Гостите од „Меѓаши“ беа присутни на настаните. Така и во нашето 2-в одделение, учениците многу позитивно изреагираа на овој преубав проект со силни пораки, исполнет со вистински човечки вредности. Наставничката Роза ги преточи истите тие во една мала но вредна приредба со истиот наслов „Стоп за насилство – започни пријателство“, а во подготовките ѝ помогна и Славе Павловски.

Еве некои од изречените силни зборови од малите дечиња, на кои им се вгнездија во нивната свест и станаа дел од нив.
„Ние, учениците, со радост го прифативме овој толку важен начин на правилно воспитување. И започнавме да се менуваме на подобро, пријателски. Секојдневно стануваме сѐ поосвестени колку е важно да стануваме добри пријатели.
И да го шириме мировното образование дома и на училиште.
Еве, сега, и нашата приредба ќе го рашири мирот насекаде.
Нашето мило училиште се грижи и нѐ воспитува можеби најмногу од сите. Благодарение на преубавите проекти, растеме правилно. Стоп насилство – започни пријателство е многу добар начин да се запре насилството меѓу нас врсниците уште од најмала возраст.“

А потоа одекна и песничка, во која дечињата пееја за пријателството:
„Стоп за насилство
– започни пријателство
подај рака ти,
гушни го другарчето
растеме со него
среќно и живееме.
Стоп за насилство – живеј другарство.“

Родителите и другите гости многу силно ракоплескаа. На нивните лица имаше радост, во очите сјај. Колку е убаво да гледаш како училиштето каде што учи твоето дете се труди максимално да му ги даде вистинските вредности на детето: другарството, љубовта, мирот… Па, нека остане така засекогаш во срцата на овие мали човечиња. Нека царува пријателството меѓу сите нас!

Роза Василевска,
одделенски наставник