Во ова време на пандемија кога минувачите под маски постојано брзаат некаде сакавме да ја анимираме, пред сѐ, помладата публика што се покажа многу успешно. Децата и тинејџерите беа воодушевени, а морам да признаам добри реакции имавме и кај повозрасната публика, вели Микица Илова

Театарската група при домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци составена од талентирани ученици, вљубеници во театарската уметност и во ова лошо време на пандемија на коронавирусот активно работи и подготвува интересни театарски проекти, кои публиката допрва треба да ги види. Во рамките на културниот настан „Арт рок хепенинг“, кој неодамна се одржа на градскиот плоштад, публиката имаше можност во најава да види дел од поголемиот проект на уличниот театар „Живи скулптури“. Стојанче Ванѓелов беше статуа на шерифот Док од Дивиот Запад, Ангел Милков го видовме како Лименко од „Волшебникот од Оз“, а Микица Илова како лошата вештерка од Смарагдниот Град.

– Идејата за овој проект произлезе од фактот што уличната уметност многу малку е застапена кај нас. Наедно сакаме да го подигнеме нивото на ваков вид уметничка презентација, непознат за нашата публика, иако во светот овие перформанси се многу популарни. Во ова време на пандемија кога минувачите под маски постојано брзаат некаде сакавме да ја анимираме, пред сѐ, помладата публика што се покажа многу успешно. Децата и тинејџерите беа воодушевени, а морам да признаам добри реакции имавме и кај повозрасната публика. Премиерата на комплетниот проект е предвидена за август, кога ќе бидат изложени вкупно седум живи скулптури, инспирирани од ликови од најпознатите бајки за деца во светот. Носители на овој проект сме јас и Сара Милевска – ни откри Микица Илова.

Изминативе месеци таа работеше од дома и им држеше онлајн часови на младите актери, во рамките на драмски работилници. Потоа интензивно се работеше на проектот „Авантурата на принцезата Лили“, чија премиера ќе се случи наскоро. Напоредно се работи и на театарскиот проект „Покондирена тиква“ со надеж дека условите ќе се променат на подобро и публиката ќе може да го види во живот, а вредните млади актери ќе добијат бурен аплауз на отворена сцена.