Нас наставниците и натаму најмногу ќе нѐ радува кога на улица ќе нѐ сретнат и ќе нѐ прегрнат нашите некогашни ученици и токму затоа со сите наши вработени, соработници и помагатели продолжуваме да стануваме сѐ подобри и подобри, вели директорката Кети Стевананџија

ЈУБИЛЕЈ: 60 ГОДИНИ ООУ „КИРЕ ГАВРИЛОСКИ-ЈАНЕ“ – ПРИЛЕП

Веќе шеесет години, секој први септември се огласува училишното ѕвонче во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп и ја најавува учебната година. Годинава на први септември беше некако тивко, без детски џагор, но беше достоинствено, празнично и свечено, затоа што училиштето слави голем јубилеј – шеесет години од своето постоење.
За почетоците на училиштето, за неговото функционирање и континуитетот на образование и воспитување на многу генерации говореше актуелната директорка Кети Стевананџија.
– Чест и гордост ни е што ова училиште, кое го носи името на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане, денеска одбележува шест децении од својата прва учебна година. Низ сите овие децении мноштво наставници влегле во училниците со дневник в рака и многу генерации ученици седнале во училишните клупи. Тука првпат го допреле букварот, научиле да читаат и да пишуваат, да сметаат, да бројат…, а денес многумина од нив се угледни луѓе, вредни работници, врвни професионалци, родители, сопружници, чесни граѓани на Република Северна Македонија – посочи Стевананџија.

Меѓу присутните на пригодната свеченост, која се одржа во дворот на училиштето, со сите потребни мерки за претпазливост од ковид-19, имаше и претставник од првата генерација ученици во училиштето, пензионираниот шумарски инженер господин Добривој Настески. Тој живее во Скопје, но често оди во својот Прилеп и со радост се потсетува на деновите поминати во ова основно училиште.
– Посебно чувство со измешани емоции ме опфати кога влегов во мојата училница и се присетив на мојата прва учителка Катица Сурлаџиоска. Се присетив на училишните другари, на првата љубов – кошарката, од која не се откажав до ден-денес… Наставниците беа строги и правични и на вистински начин нѐ воспитуваа и образоваа – низ насмевки и солзи раскажуваше Настески.
Неговиот брат, актуелниот директор на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, професор по македонски јазик и литература, Диме Настески исто така учел во ова училиште. И тој беше присутен, па говореше за љубовта кон македонскиот јазик и за магијата на училишниот двор.

– Дворовите на нашите семејни куќи беа работилници за макотрпната работа со тутунот, а училишниот двор беше нешто друго… Тој беше мегдан за игра, за дружба и за учење на вештините на спортот, благодарение на нашите наставници по физичка култура. Затоа повеќе бевме на училиште отколку дома. Уште во петто одделение мојот класен раководител Петар Трајкоски ми го даде клучот од училишната библиотека и четири години јас бев ученик-библиотекар. Наставникот Трајкоски ми предаваше македонски јазик и мислам дека тој е причината што мајчиниот јазик и литературата станаа и моја професионална определба – рече директорот Настески.
Поетот Филип Димкоски најубавите денови од своето образование ги поврзува токму со училиштето „Кире Гаврилоски-Јане“, каде што како ученик на генерацијата го завршил осумгодишното образование. По повод големиот јубилеј, тој својата библиотека од учебници и учебни помагала по математика и физика ѝу ги подари на училишната библиотека, заедно со пакет поезија и проза од домашни и странски автори.

– Ова училиште е воспитно-образовен дом на неколку генерации од моето семејство. Баба ми Лилјана Димкоска својата кариера како професорка по математика и физика ја почнала токму овде, овде осумгодишно училиште завршиле татко ми Александар, чичко ми Игор, брат ми Илија и најпосле јас. Сега книгите од мојата баба им ги подарувам на генерациите што растат, а можеби утре моите деца повторно трагајќи по знаење ќе ги допрат книгите на нивната прабаба. Тоа е магијата на книгата, силата на учењето, моќта на знаењето – истакна поетот и соработник на „Колибри“ Филип Димкоски.
Димкоски посебни пакети со книги им врачи на ученикот Филип Темелкоски од 9-1 одделение, кој е второнаграден на државниот натпревар по математика и е пласиран на математичка олимпијада, и на неговата менторка Ирена Аџиоска.
Водителката на настанот, училишниот дефектолог Симона Танеска, на крајот ја покани ученичката Софија Оџаклиеска, која со прекрасна рецитација, подготвена под менторство на наставничката Сузана Николоска, ја затвори свечената програма.
Програмата почна со претставник од првата генерација, а заврши со актуелните ученици во ова училиште, што е показател за патот што продолжува. Денес во училиштето учат 880 ученици, во светли, топли, реновирани училници, ним им предаваат 53 наставници, за нив се грижат пет лица од стручната служба, а 12 лица се задолжени за редот и хигиената.


Витрините и полиците ги красат многубројни плакети, пофалници, награди, медали и дипломи, за кои се заслужни вредните ученици и посветените ментори.
– Се залагаме нашето училиште да добие и современа спортска сала, на радост на сите. За нас како училиште и натаму најголем успех ќе бидат постигнувањата на учениците, а нас наставниците и натаму најмногу ќе нѐ радува кога на улица ќе нѐ сретнат и ќе нѐ прегрнат нашите некогашни ученици, па токму затоа со сите наши вработени, соработници и помагатели продолжуваме да стануваме сѐ подобри и подобри – истакна директорката Кети Стевананџија.
Овој настан е прв од неколкуте предвидени активности за одбележување на големиот јубилеј – 60 години постоење на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“.