И во услови на пандемија на коронавирус

Наставничката Билјана Гунова од основното училиште „Никола Вапцаров“ во Струмица има одлична идеја како децата да уживаат повторно во училишните клупи. Таа ја претворила училницата во возен парк, со автомобили изработени од картон, а за децата обезбедила креативни визири со забавни апликации. Наедно, на тој начин се одржува препорачаното растојание.
– Гледав на интернет нешто слично направено во едно училиште во Америка, а бидејќи сакам такви интересни и необични работи, решив да се потрудам и да осмислам нешто мое. Така дојдов на идеја да направам возен парк. Работевме три дена со неколку мајки. Ниту децата, ниту пак вработените во училиштето немаа поим што се случува. Во меѓувреме подготвив подароци за сите деца со маски, визири со ликови од цртаните, гелови за дезинфекција и друго, па кога дојдоа на училиште беа многу изненадени од сè. Целта ми беше да им биде забавно, но и секое возило да претставува растојание меѓу нив, да знаат дека тој простор е нивен – вели Гунова.
Оваа наставничка и досега беше позната по својата креативност. Таа и минатата учебна година, заедно со своите ученици, од карантин упати јасна порака до целото население: „Останете дома, за сите нас“, а децата онлајн ги покажаа своите пораки и цртежи! Гунова секогаш им дава активности на своите ученици што ќе ја поттикнуваат нивната имагинација, но истовремено ја подигаат и нивната свест за она што се случува околу нив. С.М.