Постојат и такви наставници што од почетокот до крајот ја исполнуваат мисијата на добрина и љубов во сите полиња на нивното дејствување. Таков е денешниот наш соговорник, м-р Раде Илиевски, наставникот по физичко и здравствено образование во ООУ „Рајко Жинзифов“-Чаир, Скопје, еден од шесте просветни работници на годината за учебната 2017/2018.

– Вторпат добивам награда за просветен работник на годината. Во 2006 година на ниво на градот Скопје од Здружението на просветни работници. Во октомври, пак, во 2018 година, добив признание за просветен работник на годината на ниво на нашата република, доделено од Сојузот на просветни работници на Р Македонија.Тоа за мене е најголема лична сатисфакција – награда и благодарност за досегашниот вложен труд во мојата дваесет и петгодишна воспитно-образовна работа, но истовремено е и мотив и стимул за постигнување уште подобри резултати во иднина – со радост зборува наставникот Илиевски.

Покрај тоа што е добитник на многубројни награди и признанија, пофалници и награди директно поврзани со неговата област, тој е и долгогодишен крводарител, им помага на своите ученици, на беспомошните и болните лица, на лицата со посебни потреби, на децата со еден родител или без родители, а одржува и бесплатни часови по пливање за загрозените категории на граѓани. Поради сета негова широка човечка и хумана дејност добитник е и на наградата „13 Ноември“ од градот Скопје и на наградата „Мајка Тереза“.

Го прашавме која е тајната на неговиот успех.
– Најважно е да се има љубов кон децата, љубов кон професијата, да се биде креативен, посветен и трудољубив и отворен за прифаќање новини во образованието. Наставникот е клучна алка во формирањето на карактерот на младата личност, а тоа е многу одговорна работа. Затоа тој мора да тежнее кон одржување беспрекорна врска на релацијата наставник – ученик – родител – вели Раде Илиевски.

Овој посветен, успешен и амбициозен просветен наставник упати порака до родителите и колегите.

– Родителите мора што повеќе време да поминуваат со своите деца, а на моите помлади колеги, пак, би сакал да им порачам да знаат дека секој труд се наградува и дека не треба да заборавиме дека нашата најголема награда и најголема сатисфакција се насмевката и среќата на нашите ученици – порачува наставникот по физичко Раде Илиевски. Ф.Д.