Фото: Маја Јаневска-Илиева

Промовираме врсничка поддршка и синергија меѓу децата и градење инклузивна иднина, вели директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска

Проект за прифаќање на различностите меѓу учениците

На Светскиот ден на толеранцијата, 16 ноември, во „Даутпашин амам“ во Скопје беше промовирана книгата „Направи со мене, не за мене“, издание на основното училиште со ресурсен центар „Иднина“. Со овој настан се промовира и врсничката поддршка, бидејќи учениците од редовните скопски училишта твореа за своите врсници со нетипичен развој, изразувајќи ја својата искрена желба за почитување и прифаќање на различностите.
На промоцијата пред присутните прва се обрати Катерина Величковска, уредничка на книгата и специјална едукаторка и рехабилитаторка во ОУРЦ „Иднина“, која рече дека проектот почнал да се реализира на 2 април, Светскиот ден на аутизмот, но и Меѓународен ден на литературата за деца.
– Оваа книга е компилација што произлезе од конкурсот за литературни творби, дел од проектот „Направи со мене, не за мене“, поддржан од Министерството за култура. На 2 април беа реализирани три работилници, во кои беа вклучени 150 основци од неколку скопски општини. Работилниците се одвиваа онлајн, а се разговараше за состојбата на децата со тешкотии во учењето и се даваа насоки како другите ученици подобро да ги прифатат. Потоа произлезе идејата за конкурсот, на кој стигнаа 107 литературни творби, од кои произлезе збирката што се промовира денеска. Сѐ течеше добро, аплициравме повторно на повикот на Министерството за култура и се надеваме дека ќе ги прошириме активностите, в година да има и литературни и ликовни творби, а овие активности ќе прераснат во традиција – рече Катерина Величковска.
М-р Славица Тодорова, библиотекарка во училиштето, беше и членка на комисијата што ги оценуваше творбите, чии членови беа и Сашо Митев, логопед, и Авидан Имери, одделенски наставник. Исто така Тодорова е и лекторка на изданието.
– Изборот на најдобрите творби не беше лесен. Комисијата најпрво пристигнатите 107 стихотворби, прозни состави и есеи, кои ќе се најдат во следното издание, ги подели според возраста на авторите, поточно од прво до трето, од четврто до шесто и од седмо до деветто одделение и од секој циклус беше избрана најдобрата творба. Победничките дела, освен што ги задоволуваат литературните стандарди, поседуваат и љубов и поддршка на различностите.

Се надевам дека оваа инклузивна култура, чии темели ги поставуваме денес, ќе продолжи да се развива и во скоро време ќе имаме вистинска инклузија во општеството – посочи Славица Тодорова.
Лорета Андреевска, директорка на ООУ „Иднина“ – Скопје, има слично мислење.
– Сите сме различни и сите заслужуваме исто внимание и исти права за уживање во животот. Посебно ме радува фактот дека на овој начин упатуваме порака и до родителите на нашите ученици, да знаат дека не се сами, оти ние како училиште сме нивна поддршка и помош, а со реализација на овој проект, таквата поддршка и помош добиваат поширока димензија, во вид на образовање и давање услуги на учениците од областа на специјална едукација и рехабилитација. Нашето училиште е формирано пред 50 години, како прво за едукација на деца со нетипичен развој. Промовираме врсничка поддршка и синергија меѓу децата и градење инклузивна иднина – порача директорката Лорета Андреевска.
Тројцата првонаградени ученици: Горјан Којчев, Симона Додевска и Берк Ѓунеш ги прочитаа своите творби, по што беа доделени и дипломи и награди. Многу хуман гест направи токму Берк, кој добиениот лаптоп, за освоената награда, му ги подари на ученикот од „Иднина“, Лука, кого го видовме и во улога на водител.
Настанот со неколку музички точки го збогатија учениците од ОУ за слепи лица „Димитар Влахов“ од Скопје, кои со бурно ракоплескање беа поздравени од сите присутни.