За добрите резултати на учениците голем придонес имаат и наставниците што ѝ
даваат поддршка на оваа манифестација, која ја негува традицијата, вели Марта
Макеска, професорка по ликовно воспитување

Со традиционална изложба на маски во фоајето на центарот за култура „Марко Цепенков“, во петокот беше означен почетокот на карневалот „Прочка“ во Прилеп.
Повеќе од 1.000 креативни маски од различни материјали изработија учениците од прилепските училишта под менторство на своите наставници по ликовно воспитување. Шареноликост, идејност, креативност и инвентивност ги одликуваа годинешните маски, кои, според оцените на жирито, придонесоа оваа изложба да биде многу подобра од претходните.

„Најмногу ги користевме природните материјали, за да се задржи традиционалниот елемент. Маските се прекрасни, со голем квалитет, секоја година учениците се сѐ покреативни. За добрите резултати голем придонес имаат и наставниците, кои ѝ даваат поддршка на оваа манифестација, која, пак, значи негување на традициите – изјави Марта Макеска, професорка по ликовно воспитување.

Градоначалникот Илија Јованоски, честитајќи им ги наградите на најдобрите, ги покани сите да бидат дел од годинешниот карневал „Прочка 2019“.
Оценувачката комисија за маските што ги носеа учесниците на карневалот ја сочинуваа: Благоја Атанасоски, Габриела Николоска, Рубин Белчески, Хилда Црнеска и Лилјана Неделкоска.

Според организаторите, целта на оваа изложба е да се мотивираат младите по некоја година да учествуваат во карневалот, градејќи континуитет и квалитет во опстојувањето на оваа меѓународна културна манифестација.