Розе Милкова (16) – актерка, поетеса, џудистка и хуманистка

Освен што глуми, тренира карате и е активистка на Црвениот крст, Розе пишува и поезија. Досега има освоено неколку награди, а до крајот на годинава треба да излезе и нејзината прва стихозбирка

Театарот веќе трета година е најсаканото и најинтересно хоби во животот на талентираната Розе Милкова (16) од Кавадарци, која е дел од актерскиот тим на театарот за деца при домот на културата „Иван Мазов-Климе“. Уште кога имаше само 12 години, таа ја играше Јулија во претставата „Ромео и Јулија од нашето време“, по што следуваше нејзин ангажман во новогодишната патувачка претстава на театарот на сенки „Рибарот и златната рипка“. Наредна посериозна улога ѝ е Дороти во „Волшебникот од Оз“, па затоа Розе мисли дека има среќа секогаш да ја добива главната улога во некоја претстава.

– Театарот го сакам пред сѐ затоа што е импровизација на секојдневниот живот, можеме да бидеме тоа што сме, тоа што сакаме да бидеме или, пак, за момент да влеземе во сосема друг лик. Освен запознавањето нови луѓе, театарот ми овозможи прекрасни дружби и еден интересен начин на откривање нови видици. Потребна е голема храброст да се застане на сцената, а јас како придобивка од занимавањето со театарската уметност можам да потврдам дека ми помогна да ја загубам тремата, да добијам многу поголема самодоверба, да го подобрам мојот начин на изразување, дикција и говор. Среќна сум што сум дел од театарот за деца при домот на културата во мојот град. Времето тука ми поминува многу брзо, исполнета сум и секогаш се стремам кон нови предизвици – вели Розе Милкова.

Во претставата „Снежана и седумте џуџиња“, чија премиера се случи на 18 октомври, Розе блесна на сцената во улогата на лошата кралица.
– Првпат во „Снежана и седумте џуџиња“ играм главна, но негативна улога. Имам прекрасни костими, со рогови како Мелифисен, но во текот на претставата се трансформирам и во грда старица како вештерка. Првпат играм негативна улога и признавам беше тешко, но, од друга страна, лесно се вклопив затоа што ликот не само што е негативен туку дава свежина во претставата преку приказот на иронијата и нарцисоидноста. Улогата на лошата кралица е целосно спротивна на мојата личност заради тоа што јас не сакам цел ден да седам пред огледало и да се гледам, многу повеќе ѝ придавам важност на внатрешната убавина – ни раскажа Розе.
На прашањето која е нејзина најомилена улога, без размислување ни откри дека тоа е Дороти од претставата „Волшебникот од Оз“, но воопшто и целата претстава ѝ е омилена, бидејќи Дороти е мила, позитивна и наивна и во неа нема зло. За успешноста на претставата вели дека заслуги има прекрасната и сложна актерска екипа, заедно со режисерката Мокица Илова.

– Среќна сум што сретнав една млада и многу зрела тинејџерка, која може да се снајде во секаква ситуација на сцената. Всушност, нашата прва средба беше во претставата „Ромео и Јулија од нашето време“ и кога една личност сама ви кажува што сака да прави, сѐ е многу едноставно и лесно. Со сите актери од детскиот театар јас пред сѐ сум најдобар другар, а потоа едукатор и режисер. За Розе можам да кажам дека е мултиталентирано дете, кое на многу зрел начин ги совладува сите предизвици што ѝ ги носи животот. Со нејзиниот придонес во театарот за деца, како и со залагањата на целиот ансамбл, гледаноста многу ни расте, а јас успевам да испратам порака како и во последната претстава „Снежана и седумте џуџиња“ дека љубовта е најголемиот двигател во животот и дека не постои ништо што таа не може да го победи – вели Микица Илова од домот на културата „Иван Мазов-Климе“.

Актерството не е единственото омилено хоби во животот на шеснаесетгодишната Розе Милкова. Таа пишува поезија, која многу добро ја интерпретира и досега има освоено награди на поетски конкурси. До крајот на оваа година треба да излезе нејзината прва поетска збирка. Во својот поетски бележник има забележано околу 120 песни и вели дека поезијата ја сака затоа што преку неа на најдобар начин може да допре до читателот.

– Покрај поезијата, втора љубов ми е џудото. Тренирам веќе пет години и досега двапати сум била државен првак во џудо, а еднаш бев на балкански натпревар во БиХ, каде што го освоив петтото место – се пофали Розе Милкова.

Една многу важна одлика на нејзината личност се хуманоста што ја носи во себе и дарбата да работи со деца. Таа нејзина особина ја донесе до улогата на лидер на Клубот на млади на Црвен крст-Кавадарци, веќе втор мандат, и за тоа можеме да пишуваме многу повеќе отколку за актерството. Ако во иднина не стане позната глумица, тогаш Розе со сигурност ќе има големи успеси како педагог или хуманист.