Музичките приказни ги пишувам на јазик разбирлив за моите ученици

ОД МОЈ АГОЛ: Соња Андонов, музиколог

Во државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово сум речиси целиот живот. Прво како ученичка по пијано, а сега како учителка по пијано. Како долгогодишна учителка ми поминале генерации и генерации. Многумина од нив, кои некогаш беа ученици, сега доаѓаат во својство на родители. „Да знаете дека вие сте останале иста!“ – знаат да ми кажат. Јас им одговарам: „Јас и да сакам да се изменам не можам, бидејќи сиот работен век го минувам со деца!“

За сиве овие години ми поминаа многу дечиња, секое од нив по десет прстиња, па сега вие пресметајте колку многу прстиња се тоа. Да не зборувам колку задоволни лица имам видено кога со тие десет прстиња сме успеале да создадеме музика. Задоволството е заемно. Исто како што е и учењето. И јас како учител многу работи научив од своите ученици. На пример, до скоро не знаев дека местото на нотата „до“ се наоѓа на приземје! Тоа го научив од еден ученик кога ги повторувавме нотите, секоја како се вика и каде се наоѓа на петолинието. И бидејќи нотата „ми“ се пишува на првата линија, а „ре“ под првата линија, ученикот како од пушка заклучи гласно дека местото на „до“ е на приземје!

Еднаш, пак, поттикнат од наученото, доаѓа ученикот на час и уште од врата, воодушевено ми се обраќа: „Учителке, и јас можам да композирирам!“ Друг ученик, кој присуствувал на концерт на Симон Трпчески, уште следниот час доживувањето од концертот ми го пренесе не усно туку практично така што го имитираше свирењето на Симон и тоа мошне успешно. Се разбира, темпото и движењата беа целосно пренесени, а музиката… не ми беше нешто позната. Вакви „бисерчиња“ и „мудрувања“ од учениците има многу. Наставата по пијано е индивидуална, трае осум години, па оттаму и односот ученик – учител е поинаков за разлика од редовното училиште. Мене ми е многу мило што сум дел од нивниот свет, некој што им го разубавува детството.
Сега, кога второво полугодие ни наметна поинакви услови за настава, часовите повеќе ги насочив кон слушање музика. Ме поттикна повторното емитување на емисијата „Бушава азбука“, па започнав на социјалните мрежи да создавам своја „Бушава азбука на музиката“ во која секој ден на една буква од азбуката објаснував некој поим од музиката, секако поткрепен со избрани композиции. Сакав на своите пријатели да им го олеснам времето минато седејќи дома, наедно да ги растоварам од она што го слушаа на медиумите, а и да ги едуцирам. Ова го направив и за учениците.

Секоја моја приказна на страницата „Шарени ноти“ започнува со „Драги деца“. Бидејќи предавам пијано сите приказни се поврзани со пијаното. Ги запознавме „далечните роднини“ на пијаното, композиторите и делата настанати пред да се создаде современото пијано, запознаваме композиции пишувани за млади пијанисти, за тоа како настанале нотите, кој им ги дал имињата… Приказните ги пишувам на јазик разбирлив за моите мали ученици. Особено ме радува кога ми се јавуваат и возрасни, кои ми се заблагодаруваат што и тие имаат можност да научат некои работи. Со еден збор – слушаме, се забавуваме, но пред сѐ учиме за музиката. Го користиме времето да осознаеме работи поврзани за пијаното, кои можеби не би успеале, или не во толкава мера, да ги научиме да имавме вообичаена настава. Во секој случај, ја користиме моќта на музиката за полесно да ја надминеме целава новонастаната состојба.

И јас како учител многу работи научив од децата. На пример,
до скоро не знаев дека местото на нотата „до“ се наоѓа на
приземје, вели Соња Андонов