Кое дете не посакува наутро да си поспие подолго? Такви мигови постојано посакував и јас, но, се разбира, беа можни и остварливи само во деновите во кои не одев на училиште. Саботните, неделните, празничните, а секако, најмногу во деновите на зимскиот и летниот распуст.

Не можам да се пофалам дека бев ранобудник. Многу утра, ако немав кој да ме скорне од креветот, сигурно ќе се успиев и ќе доцнев. Но, за среќа, имав дома „задолжени“ за тоа прашање.

Летните, пролетните и есенските подранувања ги поднесував полесно, но зимските…
Тие ми беа далеку, далеку потешки. Од топлата постела – рипаш во престудената соба. А надвор…? Надвор те чека – „фрижидер“! (Вистински фрижидери тогаш уште немавме!)
И во тие пригоди и (не)прилики, обично, секоја изутрина, штом ќе станев, прво погледнував кон прозорецот.
Дали „трупа“ или не?

А потоа: дали стаклата се „подмрзнати“ и украсени со „орнаменти“ – како што мојот постар брат ги нарекуваше уметничките дела на сликарот „Мраско“. Ако на нив забележев „мразни акити“ – знаев што ме чека во местото на „ритуалот“ на моето утринско „дотерување“. Миењето на рацете и лицето во реката.

Се разбира, нашата мала Пехчевска Река, со водата нејзина во постојано движење, заитана да се дружи со нејзината поголема сестра Брегалница, не можеше целосно да замрзне. Мразните синџири никогаш не успеваа целосно да го запрат нејзиниот тек, но многупати зиме успеваа да исплетат бели „мрежи“ на нејзините крајбрежни делови. На малите површини каде што водата се стајува со вирчињата. Токму оние, за мене најдостапните места, од кои „се плискав“, зафаќајќи грстови „течен мраз“.
А оној другиот? Цврстиот? Од делови од него?

Од речните орнаменти – за разлика од оние, стаклените – во некои делови можев и да скршам одделни интересни и необични форми, да си ги понесам со мене и да си ги зачувам некаде во градината. Како мразни цветови, кои понекогаш „цветаа“ до рана пролет, бидејќи зиме во Пехчево и во целата Малешевија тогаш беа премногу студени и долготрајни.