Создавањето на секоја страница е магија, од цртежот, до поставувањето на текстот и нивното спојување на начин на кој ќе се дополнуваат и визуелно ќе оформат хармонична целина, вели Хаџи-Наумова Атанасовска

ОД МОЈ АГОЛ: Александра Хаџи-Наумова Атанасовска, илустраторка на детски изданија

Прекрасно е кога го сакаш она што го работиш. А јас ја имам најубавата работа на светот. Отсекогаш сум била опкружена со уметност и некако многу природно ги избрав мојот животен пат, моето образование и мојата кариера. Како сликарка реализирав многу изложби, самостојни и групни, во земјава и во странство. Но пред скоро една деценија ми беше понуден проект што не можев да го одбијам. Илустрирање детска книга. Тоа беше пресвртница за мене и почеток на една возбудлива приказна. Почнав да истражувам, да учам и повторно го разбудив детето во себе. Се пронајдов во работата и целосно ѝ се посветив, а низ боите и нијансите на различните приказни ги научив важноста и одговорноста што ги носи оваа професија.

Отсекогаш сум ги сакала сликовниците, па затоа ме заинтересираа значењето и еволуцијата на детската илустрација, издигнувањето на сликата до главен раскажувач, наместо да биде само декорација на текстот. И кога зборовите на страната се изоставени, илустрацијата е таа што раскажува, таа е појдовната точка што треба да му го привлече вниманието на детето уште од најмала возраст, за тоа да посака да чита, да научи, да ја открие приказната. Пред децата да научат да читаат, тие се поврзуваат со книгите преку илустрациите. Сликовниците со илустрирани карактери имаат огромно влијание врз односот на децата кон читањето. Илустрацијата за детето може да претставува игриво истражување, решавање задачи и поттик за учење и развивање на креативноста. Како интегрален дел од учебниците и прирачниците во воспитно-образовниот процес, таа е исклучително важен дел и од книгите што се користат во терапијата за деца што се справуваат со разни предизвици.

Децата полесно ги учат зборовите ако илустрациите се реалистични. Тие во илустрациите ги бараат нештата опишани во приказната. Докажано е дека децата полесно ги паметат информациите доколку текстот е поткрепен со слика. Затоа, начинот на илустрирање во голема мера зависи од возрасната група за која е наменето. Малите деца сакаат убави, шарени, полни страници со пореалистични, покрупни објекти и светли бои што се блиску до основната палета. Сакаат да се препознаат себеси и она што го знаат за да можат да се поврзат со нацртаните ликови и елементи. Сликата треба да биде позитивна, привлечна и едукативна. Како што растат децата, така се менуваат нивните интереси и критериуми, па ги привлекува друг тип илустрација, постилизирани, модерни ликови и ситуации во кои можат да се замислат или препознаат.

Кога илустраторот има јасна претстава за визијата на авторот и има креативна слобода, создавањето на секоја страница е магија, од цртежот, до поставувањето на текстот и нивното спојување на начин на кој ќе се дополнуваат и визуелно ќе оформат хармонична целина. Прво се прават скици, се разработуваат ликовите и целиот концепт и се креира палета што ќе преовладува, во зависност од атмосферата и тонот на приказната. Обично сето тоа во себе носи една доза хумор и игривост, за на крајот да се пренесе сериозна и хумана порака.
Илустрирањето детски изданија е одговорна професија, и покрај веселиот прв впечаток.

Мора да се следат сите трендови во современото визуелно раскажување, новите технологии и актуелните медиуми, цртаните филмови, видеоигрите, образовниот процес и сето она што ги интересира децата.
Мојата работа е да создавам визуелни приказни, да размислувам како дете и да креирам светови што ќе ги инспирираат новите генерации да го насочат својот интерес кон учење и креативно изразување. Илустрираните приказни за деца треба да нудат позитивен систем на лични и културни вредности и да пренесуваат универзални и хумани пораки, кои ќе придонесат во создавањето покреативни, поемпатични и похумани генерации. Како дел од таа мисија, повторно ќе кажам, ја имам најубавата работа на светот.