Многу сум задоволен од талентот на македонските млади литературни творци што учествуваат на овој наш конкурс и од прекрасната соработка со македонските основни училишта и со наставниците, вели Слободан Стошиќ, директор на фестивалот

Десетина млади литературни творци од неколку основни училишта од Скопје, Крушево, Струмица и од Прилеп, на 19 и 20 април учествуваа на 12-от меѓународен поетски фестивал „Детско царство“, што традиционално се одржува во Бања Лука, Република Српска. На најмасовната манифестација од овој вид во регионот, македонските ученици имаа можност да
другаруваат со свои врсници од бившите југословенски простори. На литературниот конкурс учествуваа над 6.000 ученици од разни краишта на Балканот и од неколку европски земји, а во Бања Лука пристигнаа најдобрите стотина деца, кои беа наградени.
Колку е значајна нивната меѓусебна дружба не треба посебно да се истакнува, а за поттикнување и развој на нивниот талент, уште поважна беше средбата со голем број писатели за деца, со чии дела се сретнуваат во списанијата за деца, во книгите и читанките.

Поетот Наум Попески беше дел од оваа манифестација

Годинава децата слушаа дел од поезијата на поетите: Душан Попш Ѓурѓев, Тоде Николетиќ, Пеѓа Трајковиќ, Дејан Ѓоновиќ, Јово Чулиќ, Слободан Станишиќ, Мирослав Кокошар, како и на популарниот рок-музичар и истакнат водител на забавни емисии за деца, Бранимир Росиќ. Гостин на манифестацијата беше и македонскиот поет за деца Наум Попески.
Поетите и наградените ученици беа одушевени од убавината на Бања Лука, на пејзажот околу река Врбас, на зеленилото и чистотата, кои се видливи на секој чекор. Учесниците сето тоа му го пренесоа и на градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ, кој се сретна со нив во неговиот кабинет во градското собрание.
– Бања Лука е најубава напролет, а посебен украс се децата и поетите што учествуваат на овој фестивал – рече градоначалникот на приемот на кој почесни гости беа учесниците на фестивалот „Детско царство“.
Тој изрази надеж дека сите ќе си заминат од Бања Лука со убави спомени.
– Ова е град на културата, на младите, на училиштата и сосема се вклопува во концептот на оваа манифестација. Сите посакуваме градот деновиве да биде вистинско детско царство, за радост на нашите и на сите деца што доаѓаат тука -заклучи Радојичиќ.

Според директорот на фестивалот Слободан Стошиќ, „Детско царство“ е најголем регионален фестивал на детската поезија. Тој посочи дека годинава над 4.500 деца испратиле 6.500 творби, а избрани се 80 најдобри од сите држави на поранешна Југославија.
– Морам да кажам дека сум многу задоволен од талентот на македонските млади литературни творци што учествуваат на овој наш конкурс и од прекрасната соработка со македонските основни училишта и со наставниците – истакна Стошиќ.
Инаку, тој е лекар по професија, но голема радост му претставува да биде прв човек на оваа популарна манифестација што ги негува и поттикнува литературата за деца и детското творештво.

И годинава беше избран принц на фестивалот „Детско царство“. Овој пат наградата му припадна на поетот и глумец Дејан Ѓоновиќ, кој рече дека му е чест што се најде во друштвото на досегашните добитници.
Во овој број на „Колибри“ ви ја претставуваме песната „Кога би љубела“ на ученичката Михаела Талеска од ОУ „Никола Карев“ од Крушево, која беше меѓу наградените на фестивалот.
Нејзината, како и творбите на другите деца од Македонија, и од целиот регион, кои беа дел од годинашното „Детско царство“, се отпечатени во Зборникот на фестивалот. 


Кога би љубела

Како што жарот
Во огнот
Силно разгорува,
Кога би љубела,
Така и љубовта
Силно би горела.
Како што птицата
Во небото лета,
Кога би љубела,
Љубовта нежно
На усни твои
Ќе слета.
Како цветот
Бујно расцветува,
Кога би љубела,
Така љубовта
Нежно би цветала.
Како што ѕвездата
Деница ноќе
Патот го осветлува,
Кога би љубела,
Така на среќата
Би те потсетувала.
И како што земјата
Копнее за водата,
Кога би љубела,
Така јас би копнеела
По љубовта твоја.

Михаела Талеска, 8 одделение
ОУ ,,Никола Карев“, Крушево